Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ – Македонија пред преставници на локалната самоуправа, училиштата Центарот за вработуавње и граѓански организации ги претстави активностите во рамки на проектот „Инклузивни партнерства во заедниците“. Моделот на инклузивна општина за инклузија во образованието и процесот на вработување на лицата со попреченост беше претставена денес во салата на советот на општина Гостивар.

Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари истакна дека гостиварската локална самоуправа презема мерки за подобрување на квалитетот на живот на лицата со попреченост и истакна дека тоа ќе го прават и во иднина.

– Општина Гостивар е меѓу најактивните кога станува збор за инклузија. Ние сме инклузивни и по верска и национална основа, а исто така и за лицата со послебни потреби. Во постојан контакт сме со НВО-ата и здруженијата и ги решаваме нивните барања. Отвараме можности и правиме напори да се создадат подобри услови за лицата со посебни потреби. Моја желба е догодина во Гостивар да го отвориме првиот регионален центар за деца со аутизам и веќе работиме на тоа, рече Таравари.

Преку овие средби се пренесуваат знаењата стекнати низ процесот на градење на капацитетите на локалните невладини организации и нивните инклузивни активности спроведени во соработка со локалните училишта и општинските власти.

– Освен придобивките од овој проект, сакаме да претставиме и една рамка а тоа е модел на инклузивна општина. Тоа е опширен документ со збир на повеќе инструменти кои прават проценка на разни теми во општината низ призмата на инклузивноста. Гостивар е дел од овој проект и веќе направи проценка, одреди приоритети и локален инклузивен акциски план и спроведе конкретен проект, изјави Бранка Џајкоска од фондацијата „Чекор по чекор“.

Освен во Гостивар, до крајот на овој месец, регионални настани од овој тип ќе бидат организирани и во општините, Струмица, Карпош и Тетово.

Проектот е финансиран од Европската Унија и се спроведува од март 2018 до февруари 2020 година.


Администратор
19/11/2019 16:42