Американската амбасадорка во НАТО, Кеј Хачинсон, на прес-конференција пред утрешниот министерски состанок на Алијансата порача дека членот пет на НАТО повелбата не е загрозен и дека САД остануваат посветени на безбедноста на сите нивни сојузници во Алијансата.

Нејзината изјава уследи откако францускиот претседател Емануел Макрон во интервју за „Економист“, го доведе во прашање овој член на повелбата на Северноатлантската алијанса, член кој ја гарантира солидарноста на сите 29 членки на НАТО.

– Алијансите се како демократиите, некогаш имаме дијалог, некогаш дебата, а некогаш несогласувања, но бидете сигурни дека членот пет останува недопрен и дека САД остануваат посветени како што повтори претседателот и сите наши министри. Членот пет е една од нашите силни страни, тоа е историјата на создавањето на НАТО, да се инволвираме рано во конфликтите затоа што доцна влеговме во Втора светска војна и да влезевме од почеток ќе нѐ чинеше помалку и во човечки животи и финансиски. Историјата на НАТО е членот пет и единството кое ќе продолжи од американска страна, и сигурна сум дека сите други 29 сојузници, наскоро 30 ќе се согласат, рече Хачинсон.

Амбасадорката се осврна и на коментарите на Макрон за Русија и неговите сигнали дека сака зближување со Москва.

– Секоја земја има право на билатерални односи како што сака, НАТО, по инвазијата на Крим, зазема став дека не може да се продолжи со Русија како порано, усвоивме санкции против Русија, и ЕУ тоа го стори, потсети Хачинсон, и истакна дека некогаш интересите на Западот се вклопуваат со оние на Русија како што е случај со нуклеарното вооружување на Иран и помошта на Москва во нападот против лидерот на терористичката група Исламска држава, Ал Багдади.

– Но Русија останува штетно влијание, видовме во Украина, во Грузија, во Обединетото Кралство, во нашите избори, во изборите на други земји сојузници, Русија е ривал, ние сакаме да работиме со Русија и да ги подобриме односите, но за тоа ќе биде потребна промена во однесувањето на Русија, оцени американската амбасадорка.


Администратор
19/11/2019 14:46