Еден од предизвиците за нашата земја е зголемување на продуктивноста. Затоа зборуваме за инвестирање во човечки капитал, односно колку сме вложиле во надградување на луѓето, колку сме го искористиле нивниот целосен потенцијал на работните места и во општеството воопшто.

Ова го посочи министерката за финансии Нина Ангеловска зборувајќи на панел-дискусијата „Македонците кои се искачуваат во бизнис елитата“ на самитот „Македонија 2025“, што се одржува овие два дена во Скопје.

– Продуктивноста е насочена кон креирање вредност. Вредноста не мора секогаш да се проценува во пари, парите се еден од резултатите. Продуктивноста не е нешто што се случува само од себе, тоа е посветеност, планирање, самодисциплина. Една од работите кои се предизвик за нашата земја е да ја зголемиме продуктивноста. Затоа зборуваме за инвестирање во човечкиот капитал, односно во развојот и колку можеме да го користиме потенцијалот. Тоа на крајот се одразува на тоа колку сме продуктивни на нашите работни места, во животот, колку сме продуктивни како општество во целина и колку придонесуваме за развој на нашата земја, рече Ангеловска.

Зборувајќи за лидерството таа посочи дека е најважно да се имаат организациони способности, способност да се сослушаат останатите и да се биде грижлив за тоа како се чуствуваат вработените, како и да се извлече најдоброто од нив.

– Да имате „емоционална интелигеција“ и да се грижите за луѓето, да бидете поддршка за своите вработени, тоа е многу важно во лидерството. Добриот лидер е оној кој е способен да создаде нови лидери и да биде среќен за успехот на другите луѓе, рече Ангеловска.

Таа истакна дека и менторството е важно за креирање на кадри кои ќе можат да одговорат на соодветните потреби на организацијата или институцијата, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.


Администратор
15/11/2019 21:43