Собранието со 59 гласа „за“ и без ниту еден „против“ и „воздржан“, попладнево го донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, по скратена постапка.

Пратеничката Жаклина Лазаревска од СДСМ информира дека предлагаат ново зголемување на минималната плата од 14.500 денари кое ќе важи од декември 2019 година заклучно со март 2020 година кога, како што рече, очекуваме да имаме законско усогласување и вака како што сме тргнале ќе дојдеме и до платата која ја ветивме во нашата предизборна кампања, до минимална плата од 16.000 денари.

Таа посочи дека тоа на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не и одговара. Според неа, ВМРО-ДПМНЕ парите ги давало за непродуктивни работи, како „Скопје 2014“, жални врби, исушени палми…

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе го поддржат законот, но сметаат дека тоа е популистичка мерка пред избори и оти не е објаснето како е стасано до сумата од 14.500 денари бидејќи не е приложена никаква анализа.

Благоја Деспотоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека принципиелно ќе гласа и ќе го поддржи овој закон бидејќи, како што рече, секогаш ќе бидам на страната на работниците и секое законско решение што нешто значи за нив, ќе го поддржам.

Тој посочи дека откако се распишаа изборите се ќе им се ветува на сите и праша што ќе се случува со економијата во земјава по изборите. Смета дека е потребно да се подобри бизнис климата во која, како што рече, има неизвесност и таа се влошува. Потребно е зголемување на продуктивноста на вработените и да се преземе нешто зошто високостручните кадри заминуваат во странство. Според него, треба драстичен хируршки зафат, владеење на правото, правна регулатива и сигурност.

Пратениците попладнево во рамки на 116. седница со 62 гласа „за“, без воздржани и без ниту еден глас против го донесоа и Предлог-законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата, по скратена постапка


Администратор
14/11/2019 19:50