Во Скопје денеска се одржа консултативна работилница за проценка на административните, техничките и правните прашања на проектот „Подготовка на долгорочна стратегија и закон за климатска акција“, проект чија реализација е овозможена со финансиска поддршка од фондовите на ЕУ.

– Наша цел при развојот на стратешките документи е да изградиме и да донесеме секторска политика заснована на факти, преку транспарентно и инклузивно учество на засегнатите страни. Република Северна Македонија е една од ретките држави во светот со отворени податоци за климатските промени, што јасно ја покажува нашата посветеност кон реализација на преземените обврски од Националниот акционен план за партнерство со отворено владеење 2016-2018 и 2018-2020 година, изјави министерот за животна средина и просторно планиррање Насер Нуредини во воведното обраќање.

Тој додаде и дека Министерството континуирано се залага неопходните мерки за ублажување на климатските промени да ги интегрира во секторските политики од областа на просторното планирање, во спроведувањето на стратегиските процедури за проценка на влијанието врз животната средина, како и во секторските политики за развој на енергија, управувањето со отпад, транспортот и земјоделието.

Раководителката на опеативниот оддел при Делегацијата на ЕУ во Скопје, Вирве Вимпари истакна дека посветеноста за постигнување на целта за ниски емисии на стакленички гасови не треба да биде обврска само на ресорните министерства од државите кои се залагаат за тоа.

– Тука треба да се вклучат индустријата, земјоделието и сите организации поврзани со животната средина, да се интензивира споделувањето на знаења и да се финансираат долгорочни стратегии за добивање на одржлива рамка за клима, рече таа.

Алваро Антони, тим лидерот на проектот од консултантската куќа ГФА, смета дека целта на овој проект е што повеќе да не доближи до долгорочната цел на климатските активности, а тоа е преку целосна транспозиција и имлементација на долгорочната стратегија и Законот за климатска акција да се овозможи транзиција кон нискојагеродна економија.

– Прашањата за климатските промени успеавме да ги инегрираме во најновиот нацрт на Енергетската стратегија до 2040 година. На неодамнешниот состанок на енергетската заедница беше укажано дека нашата држава е првата договорна страна која ги следи барањата на Европската регулатива за изработка на т.н. интегрирани национални енергетски климатски планови, кои ги поставивме како столбови и во самата Стратегија. За првпат една Стратегија за енергетика препознава поими како „декарбонизација“, препознава „зелен развој“ и за тоа бевме идентификувани како прва држава од регионот, од сите оние кои се дел до енергетската заедница заедница, која успеала тоа да го направи, истакна Теодора Грнчаровска Обрадовиќ, национален координатор за климатски промени при Министерството за животна средина и просторно планирање.

На работилницата се дискутираше за тековната административна, техничка и правна состојба во областа на климатските промени во Република Македонија. Воедно, беа истакнати и главните активности на проектот кои треба да и помогнат на Владата на Република Македонија во транспонирањето и спроведувањето на законодавството и праксата на ЕУ, во областа на климатските промени.

Работилницата е финансирана од ЕУ, а е имплементирана од консултантската куќа ГФА.


Администратор
14/11/2019 16:11