Како да се користат придобивките од зачленувањето на нашата држава во НАТО во делот на економијата, кои се процесите и начините македонските компании да учествуваат во јавните тендери за потребите на Алијансата и што нашата економија може да понуди, презентираа денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев и вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска пред претставници на македонски компании, кои беа запознати и со системот за јавни набавки на Северноатланскиот пакт.

На НАТО индустрискиот ден, вицепремиерот Анѓушев пред присутните нагласи дека членството во Алијансата е важно за економијата од две фундаментални причини и тоа во делот на инвестициите. Прво за да се охрабруваат странските и домашни инвеститори да продолжат со инвестирање, важно е да има владеење на правото, но и да знаат оти тоа го прават во стабилна држава и дека нивните инвестиции ќе бидат заштитени.

– Дополнителна придобивка што нашите компании треба да ја препознаат како голема можност за зголемување на нивните деловни активности е тоа што со полноправното членство во НАТО, нашите компании ќе имаат можност да учествуваат во ланецот на набавки и снабдување со производи за потребите на трупите на НАТО, рече Анѓушев.

Тој информира дека се работи за значителен буџет, што се мери во милијарди евра односно во НАТО Агенциите за сервиси и набавки и за комуникации и информатика, вкупно пет милијарди евра, кои се на располагање на нашите компании рамноправно учествуваат како и сите други комапнии од земјите – членки на Алијансата.

– Можеби немаме ракетни системи и оружје во производство, но имаме производи кои може да бидат понудени во делот на храната, текстилот, обувки и кожната индустрија, металната индустрија, пропратните логистички потреби на Армијата, како и во делот на информатиката, рече вицепремиерот Анѓушев.

Тој апелираше до сите стопански субјекти да го препознаат ова како голема можност и шанса да ги зголемат своите деловни активности и од члченството во НАТО, како што истакна, да направиме освен придобивка за стабилноста на нашата држава и економска придобивка.

Вицепремиерката и министер за одбрана Шекеринска посочувајќи дека членството во НАТО на нашата држава станува реален државен успех, нагласи дека од многубројните компании со кои соработува МО има информации оти тие веќе знаат многу за овие НАТО агенции. Меѓутоа, при првиот обид кога требало да проверат дали ги исполнуваат сите квалификации, се соочиле со првиот проблем, дека компанијата мора да доаѓа од земја членка на Алијансата.

– Државата не може да го води вашиот бизнис, меѓутоа државата може да отвори врати. ова што сега се случува, нашето членство во НАТО ќе ја отвори не само воено – политичката врата, туку и економската врата за нашите фирми да можат да настапат на овој тежок, но голем пазар, рече Шекеринска.

Министерството за одбрана, информира таа, исто така може да ги користи за свои потреби Агенциите на НАТО и притоа укажа дека не е само важно да ги имате парите, туку, многу е важно како ќе ги употребите. Шекеринска потсети дека МО две години по ред останува во првите три институции во државата по транспарентност и интегритет на набавките. Еден од проблемите со кои се соочиле во МО, посочи таа, е ситуации кога набавките пропаѓаат или заради несоодветни технички барања или несоодветно проценети вредности на набавките. Тоа, рече Шекеринска, е грешка како резултат на институционални слабости.

– Република Северна Македонија се наоѓа само неколку километри, блиску до една од големите НАТО мисии – КФОР на Косово, која има логистички потреби, троши пари и ангажира компании. Ова е според мене најсилниот аргумент да ја искористиме оваа шанса и да покажаме интерес и квалитетен продукт, истакна министерката Шекеринска.

На претставниците на македонсктие компании на НАТО индустрискиот ден им се обратија и Патрик Феске, директорот на НАТО Агенцијата за поддршка и јавни набавки и главниот службеник во НАТО Агенцијата за комуникации и информатика Џакомо Пилиего.

Пилиего информира дека тие веќе работат во нашата држава со тоа што помагаа во пристапниот процес во безбедноста на инсталацијата на комуникациските канали кои ќе ги имаме наскоро. Агенцијата за комуникации и информатика на Алијансата, информира тој, се занимава со висока технологија и со сателити, компјутери и голем дел од активнсотите вклучуваат не само соработка со индустријата, туку и соработка со Универзитетите.


Администратор
13/11/2019 18:04