Во Палатата на Европа заврши Светскиот форум за демократија организиран од Советот на Европа, посветен на медиумските информации и дезинформации, на кој околу 1.700 учесници, меѓу кои и посетителите на политичката школа Мајка Тереза од Скопје, дискутираа за тоа како лажните вести и се закануваат на демократијата, при што општиот заклучок е дека е потребно медиумско воспитување, јавува дописникот на МИА.

Годинешниот Светски форум за демократијата се одржа под општата тема „Информирање – демократијата е во опасност?“. Притоа, околу 1.700 учесници и 200 говорници три дена дебатираа во Стразбур – Дали демократијата е во опасност во информативната ера. Односно, кои медиуми шират пропаганда и кои навистина информираат, за вербалното и физичкото насилство врз новинарите, кои ја откриваат вистината.

Универзитетски експерти, новинари, активисти на невладини организации, исто така, дебатираа дали, на социјалните мрежи, учесниците, покрај слободата да објавуваат нешто, треба да имаат и поголема одговорност затоа што социјалните мрежи се исто толку влијателни речиси како и традиционалните медиуми. Па, дали треба да се регулира доменот на социјалните медиуми? Кој треба да го стори тоа – државата или самите социјални мрежи, како Фејсбук, Гугл или други, чии што сопствениците, како што рече еден од учесниците, досега имаат најголема моќ што една личност ја имала во историјата.

Говорниците посебен акцент ставија на образованието и медиумското воспитување на младите како значаен елемент во градењето на демократијата, но и во справувањето со лажните вести. Тоа е од витално значење за подобрување на демократијата, па на младите луѓе треба да им дадеме средства за да можат да се справат со лажните вести. Колку се пообразовани луѓето, толку повеќе ја гледаат важноста на слободата на медиумите и слободата на изрзување”, беше речено на дебатата.

Поранешниот италијански премиер, Енрико Лета, предупреди дека треба да се има предвид дека денешното образование исто така ги вклучува „професорите” Гугл и Википедија, како и дека има многу повеќе информации, но се пласираат на многу поманипулативен начин.

-Вистинското прашање е во свесноста, да можеме да ги обработиме и разбереме информациите што ги имаме. Она што мора да се направи е пополнување на образовниот јаз, рече Лета.

Објаснувајќи го ваквиот став порача и дека „принципите се поважни од гласовите, бидејќи гласовите можете да си ги вратите подоцна, но не можете да си го вратите достоинството”.

Според она што беше заклучено по тридневната дебата, следењето на медиумите треба да биде одговорно и да поттикнува критички анализи, не да се верува во се, туку да се размислува дали е ова можно, може ли да е можно, дали се однесува на нешто што веќе сме слушнале.

А луѓето и посебно младите треба да се поттикнуваат да користат различни извори, печатени, електронски медиуми, но и различни медиуми со цел да направат сопствена критичка анализа и да дојдат до заклучок, да ова е така, или не, се сомневам, со други зборови да се воведи еден вид на медиумско воспитување.


Администратор
08/11/2019 18:08