Секој осми млад човек во Република Македонија не би простил прељуба во бракот, речиси за секој шести се прифатливи предбрачни сексуални односи, додека една четвртина од младите би избрале абортус поради несакана бременост.

Ова се дел од резултатите на најновото истражувањето за перцепцијата на младите во РСМ во поглед на нивните религиски, етички и морални вредности, спроведено од „Институтот за политички истражувања – Скопје“ (ИПИС) и интернет порталот „Религија.мк“, со поддршка на Фондацијата „Конрад Аденауер“ (КАС).

Македонија е генерално религиозна држава и тоа важи како за христијаните, така и за верниците кои се припадници на исламската религија, вклучително и кога станува збор за помладите генерации. Значаен дел од младите од двете главни вероисповести, релативно често ги посетуваат верските храмови, како еден од сегментите на практикување на религијата.

Ова прво вакво големо истражување од овој тип, открива дека генералната перцепција кај младите е почитување на одредени морални критериуми кои се дел и од религиските нормативи, но сепак во одредени случаи свое влијание имаат и современите општествени текови кои понекогаш делумно или целосно се косат со одредени традиции или религиозни начела.

Седумдесет и три проценти од испитаниците се изјасниле како православни, 23,4 отсто како муслимани, додека како припадници на други религии се изјасниле 0,7 проценти, а 2 отсто се изјасниле како атеисти.

Сепак, како што беше утврдено и во претходните истражувања, постои разлика помеѓу припадност и практикување на одредена религија, со оглед дека првото е повеќе перцепирано како традиција и наследство, додека второто е личен избор на луѓето кои самостојно одлучуваат дали религијата ќе ја практикуваат или не.

На прашањето дали за себе можат да кажат дека се религиозни 47 отсто од младите одговориле потврдно, 36 проценти изјавиле дека се донекаде религиозни, како малку или воопшто нерелигиозни се определиле 17 проценти од испитаниците.

На прашање, кое е компатибилно со стандардното прашање кое се поставува во истражувањата на Евробарометар, на ниво на ЕУ дали веруваат дека Бог постои како што е напишано во Библијата или Куранот за муслимани, дека Бог не постои, но постои некоја виша сила или дека не постојат ниту Бог, ниту виша сила 68 од испитаниците се определиле за првата варијанта, 21 отсто за втората и само 5 отсто за третата опција.

Во врска со тоа кога последен пат биле во црква/џамија, 20 отсто од младите православни верници изјавиле во текот на минатата недела, 31 отсто текот на претходниот месец, 29 отсто пред неколку месеци, осум отсто минатата година и девет проценти изјавиле дека не одат во црква. Кај муслиманите овие проценти се следствено 25, 25, 7, 8 и 27 отсто.

Во истражувањето е испитана и перцепцијата на младите околу нивните размислувања и ставови за прашања кои се однесуваат на нивните морални критериуми од аспект на вредностите кои се директно или индиректно поврзани со религиозните учења.

Истражувањето направено од ИПИС, Религија.мк и КАС, е на репрезентативен примерок од 708 испитаници помеѓу 16-35 години, спроведено во втората половина на јуни 2019 година. Спроведено е како дел од проектот „Македонија како мултиконфесионално општество“, а темата е „Религиски,морални и етички вредности кај младите.“


Администратор
16/10/2019 13:16