Детскиот фонд на Обединетите Нации (УНИЦЕФ), заедно со Фондацијата Телеком за Македонија, денеска објави повик до младите иноватори да достават идеи за дигитални решенија за отстранување на бариерите со кои децата и младите со попреченост се соочуваат во образованието и во секојдневниот живот.

Националниот повик насловен „Младински предизвик – дигитална инклузија“ е дел од младинскиот предизвик „Generation Unlimited 2019/20“ што се одвива во над 40 земји низ светот и ќе биде отворен до 22 следниот месец.

– Адолесценцијата е најдобро доба за поттик на креативното мислење и иновативноста. Тоа е исто така време кога децата учат како да решаваат проблеми и како да покажат грижа за другите. Затоа сакаме да ја искористиме креативноста што ја носат тие години и очекуваме младите иноватори да се вклучат во справување со најголемите предизвици на нивната генерација. Еден од нив е примена на дигиталните знаења за рамноправно општество во кое секој ќе учествува во сите аспекти од секојдневниот живот без бариери, рече претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани.


Администратор
10/10/2019 18:26