Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Наташа Габер – Дамјановска денеска на свечена церемонија во Врховниот суд им ги додели дипломите на 37-те кандидати од шестата генерација завршени кандидати за судии и јавни обвинители.

Најмногу бодови и прворангиран од шестата генерација е кандидатот за обвинител Даниел Коцев, втора е кандидатката за судија Маја Јанушев, а треторангирана е кандидатката Сузана Димитриева.

Габер – Дамјановска во оваа прилика, меѓу другото рече дека 37-те кандидати се млади професионални, од кои во иднина се очекува да ги заземат своите работни позиции и да му помогнат на правосудството, со оглед на тоа што постојат бројни места кои се уште не се пополнети, како за судии, така и за јавни обвинители.

Министерката за правда Рената Дескоска во своето обраќање на кандидатите им порача дека праксата за „телефонско правораздавање” мора да остане зад нив.

– Нека оваа мисла ве води во вашата работа. Бидете независни и потчинети само на законите! Не слушајте ничии инструкции и не дозволувајте ничие незаконито влијание, ниту од законодавната власт, ниту од извршната власт, ниту од било која политичка партија, ниту од медиумите, ниту од судскиот или јавнообвинителскиот менаџмент. Праксата за „телефонско правораздавање”, местење судски пресуди или обвиненија за кои можевме да слушаме во нелегално прислушуваните материјали, мора да остане зад нас, им порача на кандидатите министерката Дескоска.

Таа нагласи дека не треба да дозволат никој да им врши влијание и да не потпаѓаат под притисок да го менуваат значењето на правилата, онака како што тоа им одговара на лицата кои се засегнати од правилата и при утврдувањето на фактите да не бидат под влијание за размислата за целисходност.

Дескоска им посочи на кандидатите за судии и јавни обвинители да ги почитуваат процесните и материјалните права на учесниците во постапката, и да запамтат дека притворот не треба да биде казна, туку само мерка за обезбедување на присуство која се бара и изрекува само кога е нужно и кога постои основано уверување дека другите мерки нема да бидат доволни.

– Кога ќе бидете избрани на своите функции, државата ќе ви даде моќ, моќ со која треба да ја користите умно и во рамки на законот. Не дозволувајте таа моќ да ве заслепи. Не дозволувајте таа моќ да ве стави во искушение, бидејќи од вас граѓаните кои инвестирале во Вашето образование очекуваат да бидете на браникот на борбата против корупцијата, а не да паднете под искушението на коруптивно однесување, истакна Дескоска.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески во своето обраќaње им порача на новите судии и јавни обвнители да не потклекнуваат на притисоците ниту од политиката, ниту од бизнисот, додека пак, врховниот судија Фаик Арслани кажа дека водилка на секој судија и обвинител треба да биде правдата како идеал на правото.

На свечената церемонијата присуствуваа претставници од судската и обвинителската власт, како и францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.


Администратор
09/10/2019 20:43