По повод Светската недела на детето денеска во просториите на локалната самоуправа во Делчево, беше организиран свечен прием за првачињата од делчевската деветолетка ,,Ванчо Прке”. Како што информираа од општината, првачињата ја имаа можноста да се запознаат со сите аспекти од функционирањето на општината како и нејзините надлежности. -И оваа година првата недела од месец октомври им ја посветуваме на децата под мотото Детска недела. Во рамки на годинешното одбележување на Светската недела на детето, имавме прием на првоодделенчињата и нивните наставнички, кои запознавајки се со работата на градоначалникот Горан Трајковски, дознаа скоро се што ги интересираше во врска со функционирањето на општината, како и нејзините надлежности. Како благодарност за наученото, учениците со кратки музички точки, го претставија дел од она што го научиле од своите наставнички, во текот на воспитно-образовниот процес, истакнаа од Општина Делчево. Свечен прием за првачињата, како што додадоа од општината, ќе биде организиран и за учениците од деветолетката ,,Св.Климент Охридски” од Делчево. Во рамки на одбележувањето на Светската недела на детето на сите првачиња од Делчево ќе им бидат доделени детски пасоши, со што и официјално ќе пристапат во Светската детска организација. Неделата на детето се одбележува во светски рамки, а целта е да се промовираат правата, кои детето треба да ги ужива во неговиот раст и развој, како и потребната заштита која треба да му биде обезбедена од страна на државата и инстутициите за овозможување среќно, здраво и безгрижно детство.


Администратор
09/10/2019 12:58