Целата приказна со писмата е незаконита, проблематична и ќе предизвика последици, вели професорот Гордан Калајџиев. Тврди дека од СЈО разбрал дека писмото стигнало во форма половина со печатни, а половина ракописни букви, што сериозно ги збунило и луѓето во СЈО. Тој додаде и дека претходно не ги разбрал добро информациите кои ги добил во врска со првото писмо кога во јавноста истакна дека истото било пишувано пола на компјутер а пола на рака.

-Сомнително е зошто некој би напишал текст половина со печатни букви половина ракописно. Она што од СЈО го разбрав е дека имаат дилема, односно не ги препознаваат печатните букви дека се од обвинителката, сега веќе разрешена Катица Јанева. Ова е за првото писмо. Го повикав Републичкиот јавен обвинител да го покаже текстот, а натаму да си оцени Собранието и да се испита целата процедура и точно да се утврди со камери, која ја посетува Катица Јанева додека е во притвор. Мене ми е прилично неверодостојно со овие работи да се бавела таа, а е и прилично непријатно чувството да еден обвинител за кого е отворена постапка за незаконито и несовесно работење да си дозволи и да ја разреши судбината на специјалното обвинителство, а сето тоа да го прифати Републичкиот обвинител. Ако немаше спорни моменти републичкиот обвинител уште претходно ќе ги преземеше предметите, нешто што се бараше од него уште кога дојде на функција, но тогаш велеше дека е невозможно според законот. Па како сега тоа што тогаш беше невозможно сега е возможно? вели професорот во гостување во вестите на Алфа.

Според Калајџиев проблематични се и изјавите на министерката за правда.

-Не добивме ние одговор ни од министерството за правда, ни од никого, од каде тој пресврт од огромна поддршка за СЈО и борба да му се продолжи животот, до сега кога и СЈО згасна само заради инцидент со Катица Јанева. Зошто Катица Јанева е единствен обвинител што може да ја игра оваа улога? Кој е стравот дека обвинител би можел да застане на нејзиното место, прашува професорот.

Според него, никој не понуди одговор, вкучително и претседателот на државата, чиишто главни ветувања беа дека ќе се обезбеди независност на СЈО како тело кое дури и него би требало да го гони.


Администратор
16/09/2019 23:30