Хакатон за поддршка на локалните таленти во надминување на општинските предизвици отворен за сите претприемачи во државата се одржува денеска, а ќе продолжи и утре во организација на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Лабораторијата за иновации од Тел Авив- Израел „Креаторс“. Настанот отвора нови перспективи, можности и партнерства меѓу општините и приватниот сектор. Првите три општини-партнери во пилот проектот се Велес, Гостивар и Струмица.

Како што информира постојата претставничка на УНДП Нарине Сахакјан, за еден месец примиле повеќе од 40 апликации и работејќи со тимовите одбрале 16 интересни идеи на кои ќе работат за понатаму да бидат применети.

– Навистина треба да верувате дека идејата што ја имате денес ќе ја понесе вашата земја кон иднината што сакате да ја видите и граѓаните што сакате да ги видите. Ова е неверојатна земја со богата култура, историја и добро образовани луѓе. Сите елементи се тука така што навистина треба да веруваме дека ова е мала интервенција што ја правиме за многу поголем резултат. Ова ќе го приближи сонот оваа земја да има иднината што сакате да ја видите за вас, за вашите семејства или за вашите деца, рече Сахакјан.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски посочи дека во време на динамичен технолошки развој јавниот сектор треба да ги користи иновативните начини во обезбедувањето на услугите што ги нудат на граѓаните. Граѓаните од своја страна, додаде тој, бараат брзи, квалитетни и активни услуги. Одговорност на локалните власти, пак, како што рече, е да го најдат најдобриот начин и да обезбедат најдобри решенија.

– Развојните перспективи се бараат во паметни решенија за паметни градови каде податоците во општината ќе се користат за да се подобрат услугите. Со анализа на податоците да се согледаат потребите на населението за да може градот да се прилагоди на потребите на своите граѓани, а не обратно. Едноставно кажано: планирај согласно потребите на граѓаните заедно со граѓаните, рече Милевски.

Ова, како што дополни тој, е почеток на реализација на еден нов предизвик кој очекува дека ќе ги мотивира младите и амбициозните претприемачи кои имаат знаење и конкурентски дух.Тој им посака на учесниците многу успех и нови партнерства за нови решенија.

Хакатонот им нуди на сите што ќе изнајдат иновативни и ефективни решенија можност да ги имплементираат и пилотираат. Вкупниот буџет изнесува 40,000 долари, а за решенијата што ќе се покажат како успешни во една општина, ќе се понуди и поддршка за репликација и во други општини.

Настанот е дел од поголема програма „Подобрување на општински услуги“ што ја спроведува УНДП во партнерство со Министерството за локална самоуправа, а е финансирана од Европската Унија.


Администратор
11/09/2019 14:01