Министерот за здравство Венко Филипче денеска ја посети Специјализираната болница за белодробни заболувања и ТБЦ-Лешок и оствари средба со директорот Исмаил Ваити и вработените во оваа здравствена установа, каде се информира за активностите кои се спроведени во изминатиот период со цел подобрување на здравствената заштита и услуга за сите граѓани.

Со одобрени средства на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување купено е земјиштето под објектот на болницата.

Со тоа, како што соопшти Министерството за здравство, е зголемена дворната површина, а во завршна фаза е и реализацијата на проектот за санирање на свлечиштето и изградба на пешачка патека околу болницата.

– Ова беше нужна измена за подобри услови за пациентите и здравствениот персонал. Прв пат пациентите имаат можност за рехабилитација во дворот на болницата со долга патека поставена на повеќе нивоа по која може да одат на кратка прошетка, на чист воздух и да се одморат на изградените и уредени одморалишта. Извршено е и пошумување со над 1.000 зимзелени дрва, обезбедени со сопствени средства и со донација, а извршено е и реновирање со нова фасада, се наведува во соопштението.

Како што информираат од Министерството во изминатиот период завршено е инсталирањето на сопствен агрегат за струја, а преку донација, болницата се стекна и со колектор за прочистување на отпадна вода, што ќе биде сместен во дел од новопроширениот болнички двор.

Реализиран е проектот изградба на лифт, со кој е решен проблемот за транспорт на пациенти, а проширен е и паркинг просторот пред болницата со што е овозможена полесна пристапност на пациентите. Преку донација, болницата се стекна и со нов спирометар.

Министерството додава дека за две години се реализирани четири вработувања, а здравствените работници во две фази имаат зголемени плати и подобрени услови за работа за овозможување квалитетна здравствена нега.


Администратор
22/08/2019 16:40