Во Кочани почна едонеделна театарска работилница за пантомима за млади актери, што со поддршка од локалната самоуправа ја реализира нашиот познат актер, режисер и пантомимичар, Трајче Ѓорѓиев.

Обуката на работилницата е бесплатна и на неа учествуваат десетина вљубеници во театарот до дваесетгодишна возраст, кои претходно имале извесно искуство на театарската сцена.

– Целта на работилницата е да го збогатиме досегашното искуство на младите со пантомимата како недоволно застапен театарски жанр кај нас, а тоа може да им помогне при конкурирањетро да се запишат на факултетите за драмски уметности. Проектот е финансиран од буџетот на Општина Кочани преку програмата за поддршка на културни активности за оваа година, а теориските и практичните часови по пантомима се реализираат во Центарот за култура „Бели мугри“, каде и јас пред многу години ги направив првите чекори во театарот, истакна актерот Ѓорѓиев.

Во текот на шесте работни дена, планирано е на работилницата да бидат презентирани техники од областа на пантомимата, како и предавања за значењето и употребливоста на овој жанр во вербалниот театар. Потоа, преку игра на сцена и презентација на специфични етиди, учесниците на работилницата ќе го покажат наученото.

Ѓорѓиев, кој има завршено специјализација за пантомима на Академијата во Софија, вели дека интересот за физичкиот театар и пантомимата кај нас не е на очекуваното ниво.Освен работилниците за млади актери, според него, еден од начините за популаризација е организирањето на интернационалниот фестивалот „Панфиз“, што се одржува во изминатите 12 години, а на кој гостуваат врвни светски имиња во овој жанр.


Администратор
22/08/2019 15:50