Здружението на пензионери од Велес во соработка со Општина Чашка интензивно работи на уредување и адаптирање на стара зграда во село Теово, сопственост на Општина Чашка, а која ќе биде наменета за дневен центар за стари лица.

Освен дневен центар во истата зграда ќе реновира и постоечката руинирана амбуланта, а во која лекар еднаш неделно ги посетува жителите. Најголем дел од инвестицијата вредна 850.000 денари или околу 13.000 евра за оваа намена, е од буџетот на Здружението на пензионери од Велес, а остатокот од Општина Чашка. Освен реновирање, во просториите ќе биде набавен и неопходниот мебел и технички апарати.

Како што информира за МИА, Веле Алексоски, претседател на Здружението на пензионери од Велес, дневниот центар ќе биде свечено пуштен во функција на 8 септември.

– Во него секојдневно преку шах и други друштвени и социјални игри ќе можат да се дружат 50-ина пензионери од ова населено место, во Општина Чашка, а тука да ги прославуваат и сите празници, појаснува Алексоски.

Тој најави дека во соработка со Општина Чашка наредната година планираат да се направат дневни центри за стари лица и во селата Долно Јаболчиште и Лисиче.

Во наредниот период Здружението на пензионери од Велес во чиј состав се пензионерите од општините Велес, Градско и Чашка планира вакви дневни центри да се изградат или да се преадаптираат запуштени простории во селата Ораовец и Чолошево.

Здружението досега има ставено во функција такви центри во селата Богомила, Чашка, Градско, Отовица и Извор, а кој беше адаптиран од стара руинирана зграда, дел со нивни, а дел со средства од Министерството за труд и социјална политика.

Дневниот центар за стари лица во Велес целосно беше реновиран пред две години.

Алексоски информираше дека Здружението на пензионери од Велес преговара со Општина Велес заедно со Министерството за труд и социјална политика сите три субјекти заедно да почнат активности и вложат заеднички средства за преадаптирање на поранешниот Пензионерски дом кој со години е запуштен, хотел „Вила Зора“, сопственост на Општина Велес, да се преадаптира во Дом за сместување на стари лица од Велес.

-Велес за жал сè, повеќе станува стар град, поради масовното иселување на младите семејства. На старите лица оставени без грижа од нивните деца и внуци неопходно име сместување во дом за стари лица каде што ќе може да бидат сместени и да ја добиваат неопходната медицинска и друга грижа, но и топол оброк, појаснува Алексоски.


Администратор
22/08/2019 15:41