Дваесетина вработени во Здружението на возачи – Центар за возила од Струмица, денеска, со краткотрајна блокада на патниот правец, кој води кон овој објект, го искажаа своето незадоволство од добивањето решение за забрана за вршење технички преглед на возилата.

Според управителката Лидија Булинг Николова, решението за забрана било со објаснување дека постојниот патен правец Струмица-Просениково, на кој со години биле позиционирани, го немало во генералниот урбанистички план.

– МВР бара режим на сообраќај, кој што ние нема да може да го добиеме, бидејќи надлежните институции сè уште немаат донесено измени на генералниот, но и нов детален урбанистички план за ова област, каде ние со години опстојуваме. Како правно лице со околу 20 вработени и над десетици илјади наши клиенти бараме од надлежните да се донесе детален урбанистички план, кој би го регулирал ова прашање за да може да поднесеме барање и добиеме режим на сообраќај, кој на терен постои но го нема на хартија – изјави управителката Булинг Николова.

Таа додаде дека тие со години инсистирале да се донесе детален урбанистички план и се подготвени тоа да се направи на нивен трошок.

– За овој проблем правдата ќе ја бараме и до судските институции, бидејќи не по наша вина добивме решение за забрана за технички преглед, кој не оди во прилог ниту на возачите, ниту пак на нашата фирма, ниту пак на општината и државата на која уредно и ги плаќаме давачките – потенцираше Булинг Николова.

За неа и за вработените е нејасно како работеле досега во изминатите 50 години на постојната локација и со постојниот сообраќаен режим и притоа немале никаков проблем, а во последните две години, како што таа истакна, фирмата која уживала висок рејтинг меѓу возачите, била цел на обид за нарушување на угледот и честа.


Администратор
22/08/2019 15:25