Откако Владата на Република Македонија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство излегоа со низа мерки кои државата ги предлага а во врска со спречување на ширењето на болеста „африканска чума“ со своја реакција и коментари излегоа и ловџиите.

Имено, како што најавија Вицепремиерот Анѓушев и Министерот за земјоделие Димковски, првата мерка предвидува намалување на бројот на диви свињи и на свињите кои се чуваат без биосигурносни мерки чиј број е околу 18.000. МЗШВ ќе им даде дозвола на сите ловни друштва за отстрел на дивите свињи во наредните 10 дена, на ниво од 50 проценти од годишниот план, што значи 4.000 диви свињи.

Анѓушев упати апел до ловните друштва да извршат отстрел на 50 отсто од дивите свињи низ земјава. На оние ловишта, пак, кои немаат концесионер, Армијата ќе се вклучи во отстрелот на дивите свињи.

– Доколку тие не можат тоа да го сторат, тогаш ќе ја активираме армијата за такви мерки. Свињите кои се хранат на депониите ќе бидат отстранети и мора да ги примениме овие радикални мерки. Ловните друштва знаат најдобро како да се справат со овој проблем и мора да спречиме болеста да премине на нашата територија, истакна Анѓушев.

За овие предложени мерки, ловџиите велат дека претставуваат вистински циркуз од причина што не е реално да се очекува дека 4.000 диви свињи ќе бидат отстрелани во период од 10 дена ако се земе во предвид дека за четири месеци ловна сезона, најмногу биле отстрелани околу 1.000 диви свињи.

- По најавените мерки постојат повеќе дилеми. Прво, кога последен пат е извршено пребројување на дивечот односно на дивите свињи во Македонија. Второ, на кои терени точно ќе се врши отстрелот на дивите свињи и трето но не помалку важно е кој ќе врши контрола колку вкупно диви свињи се уловени во текот на еден ден. Понатаму, како планираат да се отстрелаат 4.000 диви свињи за десет дена. Сепак тоа се животни кои не се стационирани на едно место и се претпоставува дека во текот на една ловна сезона во најубавата година можат да бидат отстрелани околу 1.000 диви свињи, велат ловџиите коментирајќи ги владините мерки.

Тие додаваат и дека мерките треба да бидат повлечени и на проблемот да се пристапи посериозно, постудиозно и поплански.

- Ова е крајно неодговорно и без никаков план за отстрел и оваа мерка треба да биде веднаш повлечена од надлежните органи. Исто така, овие мерки најавуваат дека за месец до два Македонија ќе биде приморана да увезува свинско месо. Исто како што беше со пилешкото месо пред неколку години кога се донесоа мерки за „птичјиот грип“.Секако, во целава смешна ситуација, ловечката федерација треба да биде поактивна и да побара од државата да биде активно вклучена за надминување на оваа ситуација, додаваат ловџиите.


Администратор
20/08/2019 21:47