Отстрел на дивите свињи, уништување на питомите свињи кои не се под биосигурносен надзор и засилени царински контроли на граничните премини за да се спречи неконтролирано внесување свинско месо, се дел од мерките што ќе бидат презмени за превенција и спречување на ширењето на болеста свинска чума во земјава.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за земјоделство Трајан Димковски на прес-конференција во Владата истакнаа дека се преземаат сериозни и радикални мерки за да се спречат последиците од свинската чума, кои можат да бидат катастрофални за свињарството, но негативни и за целата економија. Штетата само по извозот би била меѓу 50 и 60 милиони евра, а вкупната над 100 милиони евра.

Свинската чума не е опасна и не ги напаѓа луѓето, но е смртносна за свињите и брзо се шири.

Првата мерка предвидува намалување на бројот на диви свињи и на свињите кои се чуваат без биосигурносни мерки чиј број е околу 18.000. МЗШВ ќе им даде дозвола на сите ловни друштва за отстрел на дивите свињи во наредните 10 дена, на ниво од 50 проценти од годишниот план, што значи 4.000 диви свињи.

Анѓушев упати апел до ловните друштва да извршат отстрел на 50 отсто од дивите свињи низ земјава. На оние ловишта, пак, кои немаат концесионер, Армијата ќе се вклучи во отстрелот на дивите свињи.

– Доколку тие не можат тоа да го сторат, тогаш ќе ја активираме армијата за такви мерки. Свињите кои се хранат на депониите ќе бидат отстранети и мора да ги примениме овие радикални мерки. Ловните друштва знаат најдобро како да се справат со овој проблем и мора да спречиме болеста да премине на нашата територија, истакна Анѓушев.


Администратор
20/08/2019 16:41