Чекорите што ќе ги преземе земјава по воведувањето забрана за увоз на компир и мед од Македонија во Косово како реципрочна мерка за воведувањето забрана за увоз на рибен подмладок и икра од Косово ќе бидат познати на средбата што ќе ја одржат денеска министрите за економија и за земјоделство, шумарство и водостопанство Крешник Бектеши и Трајан Димковски со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов.

Ова викендов на прес-конференција во Владата го најави министерот Димковски. Тој, во одговор на новинарско прашање дали ќе следи трговска војна со Косово, нагласи дека нема експлицитна забрана за увоз од Косово и додаде оти во земјава може да се увезува свежа косовска риба, но не и рибен подмладок и икра поради фактот што не спроведуваат мониторинг.

– По состанокот в понеделник ќе биде јасно што ќе преземеме. Косово нема експлицитна забрана за увоз на рибен подмладок и икра и треба само да докажат дека го спроведуваат мониторингот. Воедно, забраната за увоз на рибен подмладок и икра не се однесува само за Косово, туку и за сите останати земји кои немаат мониторинг, бидејќи земјава се подготвува од следната година да добие дозвола за извоз на свежа риба на европскиот пазар, рече во саботата Димковски.

Прецизира дека од земјава во Косово годишно се извезуваат до 1.000 тони компири, а извозот на мед е во вредоност од околу 400.000 евра годишно.


Администратор
19/08/2019 10:23