Зоран Заев го легитимираше она што одамна го велам, а тоа е дека Рускоска е негов избор, и сега сака една Катица Јанева да ја замени со друга Катица Јанева, овој пат со име Вилма Рускоска. Јасно е дека овој предлог не може да се разбере никако поинаку освен како мајтапење со законите и правната држава. Па не може жената која е персонификација на нестручно работење под политичка палка да се справи со криминалот и да донесе правда вели лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за „Република’. Тој зборува за случајот „Рекет“ и низата нејаснотии кои се отвораат – зошто нема обвинение против специјалната обвинителка Катица Јанева, зошто Заев е нем за Кики и Фрики…

Премиерот Зоран Заев одлучи да поднесе предлог на закон за организирање на Обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција, Вие сте против таквиот закон, кои се причините? Очекувате ли доближување на ставовите?

Мицкоски: Предлогот на власта не е предлог за воспоставување на обвинителство кое ќе биде независно и кое ќе гони вистински криминал, туку намерата е воспоставување на обвинителство кое ќе биде по теркот на Заев и во функција на криминалниот октопод. Откако увиде премиерот дека ова постојно СЈО е компромитирано пред сé поради политичките влијанија кои тој и неговите луѓе ги вршат врз тоа обвинителство, дополнително притиснато од коруптивниот скандал во кој учествува првиот човек Јанева, тој практично го прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да не се даде нов живот на тоа СЈО, туку да се формира ново обвинителство во рамките на постојното Јавно Обвинителство кое ќе се занимава со гонење на висока корупција и криминал. Но проблемот настанува кога Зоран Заев сака на сила да протурка решение кои би било ново СЈО затоа што тоа исто обвинителство би го воделе компромитирани кадри, па дури истите од ова постојното СЈО, со задача да му помогне на Заев да остане на власт, исто како што му помогна да дојде. И што би се случило хипотетички, би се продолжил случајот Талир кој е случај против ВМРО-ДПМНЕ и кој е исклучиво политички конструиран, а позади тоа би се амнестирале вистинските криминали на власта. Едноставно Владата покажува дека не е за сериозна пресметка со корупцијата и се става во улога да штити корупција. Тие трета година ја имаат одговорноста да ја водат државата, а зад себе немаат ниту една правна разрешница на некој криминален скандал. Ние не може да си дозволиме едно урнисано СЈО да го замениме со друго, како и да се вика новото, но тоа да биде еднакво неквалитетно, непрофесионално и корумпирано како постојново.

Рускоска е предлогот на Заев за нов јавен обвинител на тој нов оддел. За Вас ова не е прифатливо. Зошто?

Мицкоски: Заев го легитимираше она што одамна го велам, а тоа е дека Рускоска е негов избор, и сега сака една Катица Јанева да ја замени со друга Катица Јанева, овој пат со име Вилма Рускоска. Јасно е дека овој предлог не може да се разбере никако поинаку освен како мајтапење со законите и правната држава. Па не може жената која е персонификација на нестручно работење под политичка палка да се справи со криминалот и да донесе правда. По овој терк фали уште Кацарска да стане врховен судија или претседател на Апелација, па Зоран Заев комплетно да го деградира судството за да може слободно да се додаде префиксот СДСМ во имињата на овие институции. Зоран Заев како што ја фалеше Катица Јанева сега ја фали Вилма Рускоска, и да ви кажам тоа треба да не загрижи, зашто првава е дел од афера тешка неколку милиони евра, а вторава, како демек има улога да ја расветли, ама никако да стигне до Јанева, нејзините соработници од врхушката на власт, па дури и првиот човек на власта. Ви се молам, ова се сериозни работи, и сметам дека никако не може вака една одговорна функција да се препушти на такви кадри.

Очекувате ли да собере Заев 2/3 мнозинство во Собранието за поддршка на законот?

Мицкоски: Зоран Заев треба да разбере дека не е повеќе фактор кој може да наметнува услови и диктира темпо. Ако мисли дека може без главната опозициска парламентарна партија да носи вакви крупни закони, тогаш се лаже, а се лаже ако мисли дека повторно со притисоци и закани може да собира гласови на пратеници, зашто веќе земјава му го изгуби стравот на Заев, а неговите денови во политиката се броени. Логиката говори дека дури и ова СЈО беше изгласано во парламентот со консезуална поддршка на сите партии, и за тоа време кога се носеше тој закон Заев велеше дека е најлошо до тогаш, па прашањето е какво е ова време кога самиот Заев во улога на премиер си турка лични решенија за обвинителство без опозиција, и зошто воопшто го губеше времето со работните групи со кои ја замајуваше домашната и европската јавност?Одговорот е дека живееме 100 пати полошо од сите претходни времиња и криминалниот октопод е силно навлезен во сите пори на општеството.

Заев и СДСМ излегоа со декларација за правдата и правната држава и Ве обвинуваат дека стоите на патот на правдата. Дали посакувате правда?

Мицкоски: Прво Заев и СДСМ се трета година власт во земјава, што чекаа до сега, кој друг треба да ја донесе правдата. Тоа им е работата, за тоа земаат плата, 24 часа дневно, 365 дена во годината. Но со овие луѓе нема правда. Тие се извор на неправдата и заштитник на криминалот. Не може да очекувате правда од човек кому му е полна устата со криминал. Впрочем го видовме сите како бара евро за Вицето, евро за црквата во Струмица. Од ваков ли човек да очекуваме правда?! Тоа што крадат наратив од опозицијата за правна држава и владеење на правото само ги прави неуспешни и во полето на пр-от. Но кој им беше пречката до сега да стигнат до правдата? Па за само еден месец им видовме пратеник како бара по „пола” недозволена психотропна супстанца, слушнавме како градоначалник тепа човек во својата канцеларија, слушнавме како се договараат тендери за М-нав, како Заев комуницира со божемните Порошенко и Столтенберг, и како за 5 секунди влегува во подмитување на Вартоломеј, а еве овие денови гледаме и како СЈО работело, во дослух со луѓе од власта. И кажете ми во кој од овие случаи гледате одлучност на власта да се справи со криминалот?! Во ниту еден. Затоа што ние овој месец го гледаме тој криминален октопод како на излог, со сите нечистотии, аморални работи и несреќи на луѓе. Нема надеж дека било кој сегмент од оваа истрошена власт може да донесе правда. Затоа што тие ја погребуваат правдата, а како што знам да кажам, рибата мириса од главата, до првиот човек е. Со Зоран Заев нема правда. Изгледа навистина безобразно кога структура која направила и донела толку неправди, говори за правда. Тоа е толку пародоксално и нестварно, но и неодговорно. Како на клептоман да му подарите паричник на чување. Или како кога на тендер за рушење на дивоградби во Охрид ќе ви се јави фирмата на кралот на дивоградбите кој останува нечепнат само поради блискоста со владата. Едноставно Заев е должник и на криминалните рекетарски крила во државата кои му помогнаа да дојде на власт и да се одржува на власт. Сега истите тие луѓе ги испорачуваат барањата кои премиерот им ги ветил, и затоа ќе ни се случува предавање на ингеренциите од локална на централна власт. И кога ме прашувате дали посакувате правда ќе ви кажам дека нема човек во земјава кој посакува повеќе правда од мене и сум подготвен да одам до крајот за да ја добиеме.

Случајот Рекет открива интересни детали, Рускоска вели дека во дел од снимените разговори е и Катица Јанева, Заев верува во личноста на Јанева.

Мицкоски: Со секој поминат ден ќе се потврдува она што го говорам од почетокот. Сето ова не е возможно без согласност, логистика и поддршка на луѓето од врхушката на власта. Се работи за добро разработена шема која сочинува октопод чија глава е Зоран Заев. Кога веќе се знае ова ајде да ги проследиме нелогичностите со кои власта ја разводнува аферата. Како е возможно Катица Јанева да не биде приведена, доколку имала активен разговор со првобовинетиот во овој случај, кој пак е прв другар и соработник со Зоран Заев и врхушката на власта? Нели тоа е потврда на делото дека рекетот се одвивал со знаење и амин на првиот човек на компромитираното СЈО и врхушката на власт?! Ако тоа е така, зошто Јанева не е во притвор и зошто Заев ја штити? И тука ќе ве потсетам дека од почетокот прашував дали Катица Јанева е учесник во разговорите со осомничените и ја има во доказниот материјал. Власта и обвинителството одбегнуваа одговори, а еве полека се одмотува клопчето. Но, нема да се добие целата слика ако нема полна одговорност кај врхушката на власт. И бидејќи премиерот вели дека само еднаш се сретнал во второосомничениот во случајот Рекет, јас би го запрашал дали е потполно сигурен во ова негово тврдење, или се работи за повеќе средби? Како што ретерираше во повеќе наврати за многу други работи, да не ретерира и за ова.

Но обвинителството негираше дека врз Катица Јанева има посебни истражни мерки?

Мицкоски: Ако е така, зошто сé уште трагаат по нејзиниот втор телефон, и дали сето ова не е договорена фарса? Знае ли некој каде е во моментов Катица Јанева? Или тоа власта ќе го чува како некоја мистерија додека не смислат некој подобар план. Нема да има ништо се додека се чуваат заштитени вистинските закрилници на овој рекет. Се додека Кики ни кажува дека не е Кики, а Фрики молчи, се додека Заев се прави нем за неговите партиски соработници кои така молчејќи го прават и него соочесник и главен покровител на овој срамен криминал, криминалот ќе цвета. Треба да знаат дека нема правда без одговорнст, а одговорноста ќе ја побараме ние кога ќе се избориме за смена на власта.

Седната недела доаѓа еврокомесарот Јоханес Хан, што очекувате од неговиот престој?

Мицкоски: Очекувам изворно да се запознае со нашите позиции и со состојбите во државата. И меѓународната заедница ја споделува загриженоста со коруптивните скандали кои, за жал, стануваат секојдневие и се кочница за напредок. Воедно добро е да се слушнат и аргументите за воспоставување на механизам за независен обвинителен и судски систем како еден од предусловите за напредок во европските интеграции.


Администратор
22/07/2019 01:43