Како Управата за семе и саден материјал би можела да блокира капитални инвестиции, да добие замерки од меѓународната заедница, или да не работи транспарентно, кога речиси никој до сега не слушнал за неа, а нејзиниот директор е „сметен“ односно разрешен во втората т.н. метла на премиерот Зоран Заев? Набројаните причини премиерот ги наведе како критериуми врз основа на кои било одлучено да ги смени директорите на речиси 70 институции- поточно 37 надзорни и управни одбори и 30 директори.

- Нереализација на капитални инвестиции, блокирање на процеси, замерки од меѓународните институции за водењето на одредени процеси, некогаш недоволната транспарентност, некогаш недоволното почитување на заклучоците и упатства на Владата, како владини институции за нивно спроведување, некогаш послабиот менаџмент за одредени институции за финансиско стабилизирање на самите институции и нивно зајакнување, рече Заев на вчерашната прес конференција.

Останатите сменети се високи функционери меѓу кои за дел јавноста веќе знае дека сами си поднесоа оставки, а другиот дел според премиерот, ќе бидат обезбедени со нови функции, или барем ќе им бидат понудени.

-На некои од нив ќе им бидат понудени други функции, ако ги прифатат, дополни премиерот.

Уште една Управа чиј директор е разрешен е онаа за електронско здравство, за која е дискутабилно постоењето воопшто, кога практично, електронското здравство не функционира. На пример, електронските здравствени картички не постојат,а освен „мој термин“ други варијанти на модернизирање досега не слушнавме дека има.


Администратор
19/07/2019 00:43