Македонскиот претседател Стево Пендаровски во рамки на официјалната посета на Словенија, денеска се сретна со словенечкиот премиер Марјан Шарец.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, биле разменети мислења за билатералните односи меѓу двете држави, што се карактеризираат со доверба, пријателство и цврсто партнерство и се разговарало за можностите за унапредување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Словенија, како и за актуелните случувања и предизвици во регионот и на Балканот.

Претседателот Пендаровски изразил надеж дека долгогодишната отворена и безрезервна поддршка од Словенија ќе продолжи и во иднина. Во тој контекст, претседателот изрази очекување дека земјава во најбрзо време ќе стане членка на НАТО и ќе ги почне пристапните преговори за членство во ЕУ. Тој се заблагодарил за сета досегашна поддршка од Словенија на планот на евроатлантските интеграции.

Двајцата соговорници констатирале дека напредокот на Северна Македонија во ЕУ и НАТО позитивно ќе влијае на стабилноста и просперитетот на целиот регион.

– На средбата беа разменети мислења и за предизвиците од илегалната миграција, при што е констатирана потребата досегашната успешна соработка да продолжи и во иднина, а со цел поголема регионална стабилност и безбедност. Заедничка констатација на двајцата соговорници беше дека во иднина напорите треба да бидат насочени кон интензивирање на економската соработка и трговската размена, преку поблиска соработка на бизнис заедниците и поттикнување на инвестициите од двете држави, стои во соопштението.


Администратор
17/07/2019 00:49