Вашингтон ќе спроведе истрага во однос на предложениот нацрт закон на Владата на Франција, предвиден да се стави на гласање денеска во Парламентот, за оданочување на компаниите од дигиталната индустрија, изјави синоќа во соопштение Роберт Лајтхајзер, трговски претставник на САД.

Францускиот предлог закон предвидува данок во висина од три отсто на целокупниот годишен профит на компаниите кои на своите корисници им нудат дигитални услуги. Според нацрт законот, опфатени се компании кои ќе прикажат минимален годишен профит од 750 милиони долари на глобално ниво и минимален профит од 25 милиони долари во Франција.

Во соопштението на трговскиот претставник на САД се вели дека американските компании се лидери во областа на дигиталните услуги.

– Претседателот ми порача да се разгледаат последиците од овој нацрт закон, дали тој неосновано ја отежнува или ја дискриминира трговијата на САД, соопшти Лајтхајзер.

Според него, Вашингтон е загрижен од овие законски измени.

Како што е веќе познато, оданочувањето во областа на дигиталните услуги се разгледува во повеќе европски земји. Европската комисија подготвува сопствен план за зголемување на даноците за технолошките гиганти од САД.


Администратор
11/07/2019 13:10