Околу 500 лица од социјално ранливи категории – бездомни, стари и изнемоштени лица и лица од рурални средини од Скопје, Прилеп и Куманово добиваат храна која се обезбедува од вишоците кои им остануваат на компаниите. Дел од храната се приготвува и им се дистрибуира на лицата, на дел им се дава сами да ја приготвуваат ако за тоа имаат услови. Дистрибуцијата на храна е во рамки на проектот „Оброк за сите“, по чие завршување на државата треба да и се понуди траен модел и системско решение кои ќе овозможат најголем дел од вишоците на храна да завршуваат кај оние на кои им е најпотребна.

Денеска во пунктот за бездомни лица министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, претседателот на „Сите сити“ Блаже Јосифовски и секретарот на Црвен Крст на Град Скопје Сузана Тунева Пауновска јавно го презентираа овој проект во чии рамки се обезбедува храна за социјално ранливи категории граѓани.

– Дел од вишоците храна што се преземаат од компаниите, се носат со возило на Црвениот крст, дел од храната се носи во здружението Дамаел, каде се подготвува. Еден дел од храната се носи тука, секоја среда во пунктот во Момин Поток, другиот дел два пати во неделата им се носи на стари изнемоштени лица. Четири екипи со волонтери поминуваат во домовите на старите изнемоштени граѓани, им носат оброци, а притоа волонерите од ЦК им даваат други услуги на граѓаните. Дел од храната се носи и во други кујни во Скопје, од понеделник до петок за да се поддржи нивната работа и да обезбедат дополнителен број оброци, изјави Јосифоски.

Тој додаде дека дополнително во Прилеп и Куманово се подготвуваат месечни пакети за семејства од руралните средини кои имаат просторни услови да ја зготват храната.

Ова, појасни тој, се три модели, а по завршувањето на пилотирањето на проектот, кое ќе трае уште пет месеци, заедно со Црвениот крст ќе треба да изготват модел кој како предлог ќе му биде доставен на Министерството за труд и социјална политика. Наши проценки кога го предлагавме ова иновативно решение, реше Јосифовски, се дека дека со добра работа и поставеност на систем околу 11 илјади граѓани можат да добиваат ваква поддршка.

-МТСП и Фондот за иновации ја поддржаа оваа пилот акција за дистрибуција на вишокот на храна во нашата држава бидејќи сметаме дека со надминување на вишоците на храна и можност за нејзина дистрибуција може да имаме поквалитетен оброк за граѓаните во социјален ризик, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Најави дека работни групи со претставници од повеќе институции работат на изготвување на законско решение со кое системски ќе се надмине прашањето со вишок на храна и глад во нашата држава.

-Сите финансиски трансфери треба да одат кон сиромашните граѓани, но дополнително, поддршката со храна или поефтини пакети оброци може да го подобри нивното живеење особено на децата од овие семејства, рече министерката Царовска.

Секретарот на Црвен Крст на Град Скопје Сузана Тунева Пауновска истакна дека од она што можат да го видат на терен има голем позитивен фитбек од корисниците за овој систем на донирање на храна.

-Нашите тимови кои се на терен и евалуациите покажуваат дека единствено нешто што е важно е комуникацијата што ја остваруваме со лицата кои ги посетуваме во домашни средини и тука со лицата во пунктот. Покрај поддршка со храна и прехранбени продукти даваме и психосоцијална поддршка за семејствата и добиваме повеќе информации за тоа што е потребно за да излеземе со одржлив систем за поддршка на ранливи целни групи, рече Тунева Пауновска.


Администратор
10/07/2019 12:59