Лицата, корисници на услугите на дневниот центар „Порака Наша“ од Куманово учествуваа на обука во Полска за подигање на јавната свеста за можни интернет опасности и интернет криминал, начини како да се избегнат, градење на доверба со полицијата и развивање на вештини за дигитални компетенции, информираа денеска од „Порака Наша“.

Обуката во Варшава се одржа во рамки на проектот едукативна поддршка на лицата со интелектуална попреченост жртви на интернет криминал и насилство „Биди Безбеден“, финансиран од Еразмус Плус програмата.

-Материјалите од обуката можат да послужат како ресурс за наставниците, тренерите, терапевтите, социјалните работници и други лица кои работат со лицата со интелектуална попреченост. Можат да им покажат како да ги поддржат лицата со интелектуална попреченост да избегнат да станат жртви на интернет криминал. Исто така, тие претставуваат вредни ресурси кога се работи за препознавање дека лицето станало жртва на интернет криминал и можат подоцна да понудат соодветна поддршка-изјави Фросина Симоновска, локален координатор на проектот од „Порака Наша“.

Материјалите од обуката се достапни на англиски, чешки, француски, македонски, полски и португалски јазик на проектниот интернет страницата http://besafe-project.eu/mk/library/

Носител на проектот е организацијата од Полска, Полската асоцијација за лица со интелектуална попреченост (PSONI). Други партнери во проектот се Инклузија Европа (Inclusion Europe), Република Чешка (Inclusion Czech Republic), Политехничкиот институт од Сантарем, Португалија (Polytechnic Institute of Santarém) и Здружението Регионалниот центар за лица со интелектуална попреченост Порака Наша од Куманово.


Администратор
10/07/2019 10:59