Владимир Кузнецов и Алексеј Столаров, во јавноста познати како пранкерите Вован и Лексус на својот јутјуб канал објавија нов „пранк“ овојпат со македонскиот премиер Зоран Заев.

Разговорите се направени во период од нецела година односно првиот е снимен кон крајот на август минатата година, другиот на почетокот на оваа година и третиот - последниот непосредно пред изборите за Претседател во Украина кога Порошенко ја загуби власта. А токму тие го навеле премиерот Зоран Заев да биде убеден дека комуницира со поранешниот претседател на Украина - Петро Порошенко. Интересно е што во еден од разговорите, пранкерите во името на Порошенко му велат на Заев дека на другата линија го имаат Јенс Столтенберг и дека ќе го вклучат во разговорот. Па така во еден момент премиерот Заев разговара и со Порошенко и со Јенс Столтенберг.

Трите разговори траат вкупно 54 минути а во нив се разговара на најразлични теми. Почнувајќи од ситуацијата во Македонија пред референдумот, неговите очекувања, странските дипломати и функционери кои ќе дојдат да ја посетат Македонија со цел да дадат поддршка на процесот за името, па преку односот помеѓу Косово и Србија, односно дека се преговара за размена на територии помеѓу Белград и Приштина, влијанието на Русија во Македонија како и тоа дали поранешниот Претседател на Македонија Иванов добива директна поддршка од Путин.

Понатаму во разговорите може да се слушнат и размена на аргументи и мислења за добивање на автокефалност на Македонската православна црква каде што лажниот Порошенко му вели на премиерот Зоран Заев дека тој успеал да обезбеди автокефалност на Украинската православна црква преку добриот однос кој го има со патријархот Вартоломеј но притоа за тоа требало да му плати 150.000 евра притоа нудејќи му се на премиерот да му помогне, Вартоломеј да додели автокефалност на МПЦ „со попуст“ односно за 100.000 евра.

Во разговорите кои ги правел Зоран Заев со пранкерите, во една прилика на лажниот Порошенко му го дава бројот на поранешниот американски помошен државен секретар Вес Мичел иако претходно во текот на разговорот „Порошенко“ му вели дека веќе разговарал со Вес Мичел додека во друга прилика му вели дека на ватсап ќе му го испрати и бројот на Косовскиот премиер Рамуш Харадинај.

Пранкерот кој се претставува како Порошенко, му вели на Премиерот Заев дека украински научници ја откриле неговата „гeнeтcкa врска“ со Александар Македонски и дека поради тоа што има генетска врска со него тој сега може да се вика „Петро Македонски“ на што добива одговор од премиерот дека историјата може да ги зближи македонскиот и украинскиот народ.

Кон крајот на аудио снимките, разговарајќи за тогаш претстојните избори во Украина, пранкерот му вели на Заев, знам дека ќе победам, Зеленски (противкандидатот на Порошенко) е човек на Русија и тој е комичар. Што ќе се случи ако следните избори под влијание на Русија на пример, во политиката се вклучат и комичарите Вован и Лексус, каде што практично меѓу редови му откриваат со кого разговара.

Инаку, премиерот Заев не е првата жртва на руските пранкери чија мета досега биле Борис Џонсон, Жан Клод Јункер, Ники Хејли, Гуаидо, неколку американски гувернери и конгресмени но и Францускиот претседател Емануел Макрон. Но сепак, доколку се слушнат тие разговори може да се заклучи дека ниту еден од нив не изнесува информации кои ги поседува а кои се однесуваат на „високите политики“ на нивните земји. Па така во разговорот со Макрон иако пранкерите го наведуваат Макрон да каже што може да се случи со иднината на Порошенко тој умешно избегнува да даде одговор велејќи дека при првата нивна средба (разговара со пранкерот кој му се претставува како Зеленски, новиот украински претседател) ќе разговараат за сите отворени прашања.

Во продолжение целото видео кое е на англиски јазик со транскрипција на руски јазик.


Администратор
09/07/2019 05:19