Приватните сопственици на вишнови насади ја започнаа бербата на вишна во Пијанец.

Како што истакна земјоделскиот инженер Даниел Гоцевски, сопственик на приватна плантажа со вишни, цената во моментот задоволува, но она што загрижува е слабиот род, кој не ги оправда очекувањата на овоштарите.

– Годинава се плаќа по 30 денари за килограм вишна, што е сосем задоволителна цена, ако се има предвид цената од минатата година. Бербата е во тек, работници има доволно, единствено родот изостана оваа година. Иако конкретно на нашите плантажи, очекувањата беа да набереме од 90 до 100 тона вишна, поради слабиот род, бројката годинава би достигнала околу 20 тони. Тоа е максимумот кој може да го извадиме оваа сезона, истакна Гоцевски.

Оваа количина, како што додава Гоцевски, се очекува од 17 хектари со вишнов насад, од кои два хектари на семејството Гоцевски се млада вишна, чиј полн род се очекува од следната сезона.

И останатите производители потврдуваат дека родот потфрлил годинава. Она што радува, велат овоштарите е добриот квалитет на вишната, која најчесто завршува на европскиот пазар.

Бербата на вишна заврши и на дел од плантажите на Рудине. Набраните вишни од плантажите со трактори и шлепери се транспортираат во ладилникот во Делчево, каде се врши селекција, примарна обработка и смрзнување. Најголемиот дел од годинашниот род вишни од Пијанечко-малешевскиот регион ќе бидат извезени, а помал дел во домашните капацитети ќе се преработат во компоти и сокови.


Администратор
05/07/2019 17:25