Фудбалерите на делчевска Брегалница од младинските категории го завршија еднонеделниот традиционален фудбалски камп во Дојран на кој се едни од редовните учесници секоја година. На кампот, како што информираше Душко Петровски, тренер на екипата, учествуваа фудбалери од родени од 2004 до 2006 година.

– После одличната сезона која ја имавме во категоријата 2004/05 и ова лето учествувавме на традиционалниот камп во Дојран. Сите деца во изминатите седум дена имаа одлични услови за тренинг и за работа. Имаа можност да се дружат и да научат некои нови фудбалски вештини кои ќе им помогнат во нивните понатамошни фудбалски кариери. На кампот се работеше по стручна програма, а присуствуваат тренери од регионалните единици и тренери од неколку фудбалски клубови, истакна Петровски.

По овој камп, додава, децата ќе имаат неколкудневна пауза, по што кон крајот на август ќе се вратат повторно на тренинзите.

Во младинските категории на ФК ,,Брегалница” тренираат околу 100 дечиња, од најмалите до повозрасните категории фудбалери.


Администратор
04/07/2019 15:21