Напаѓачката на фудбалската репрезентација на САД, Меган Рапино денеска изјави дека нема да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, доколку нејзиниот тим победи на Светското првенство во фудбал за жени, што се одржува во Франција.

– Нема да појдам во Белата куќа. Нема да бидеме поканети, се сомневам во тоа, изјави таа на прашање од новинар на спортското списание „Ејт бај Ејт“.

Фудбалската ѕвезда од САД и претходно го критикуваше Трамп дека е сексист и дека не покажува почит кон жените.

САД се актуелни женски светски прваци во фудбал. Тимот на Рапино веќе се пласираше во завршната фаза и в петок во четврт-финалето игра против домаќинот Франција.

Финалниот натпревар од Светското фудбалско првенство за жени е предвиден за 7 јули.


Администратор
26/06/2019 17:24