До редакцијата на Makpress.mk Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство испрати реакција на текстот ТРАЈАН ДИМКОВСКИ СТАНА МИНИСТЕР АМА ОСТАНА И ЧЛЕН НА УПРАВЕН ОДБОР ВО НЕВЛАДИНА ОРГАНИЗАЦИЈА .

Интегрален текст од реакцијата на МЗШВ:

„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство најостро ги деманитира информациите изнесени во Вашиот медиум во текстот објавен на 26.06.2019 година со наслов „Трајан Димковски стана министер ама остана и член на Управен одбор на невладина организација“.

Трајан Димковски не е член во Управниот одбор на невладината организација Рурална коалиција. На Собранието одржано на 05.12.2017 година, Димковски е сменет од член на Управен одбор, а на истото место е назначен Мендух Нухија, којшто е и основач на Рурална коалиција.

Со почетокот на функцијата на Димковски во МЗШВ, истовремено е започната и постапка за негово повлекување како основач на организацијата. Димковски според документите од Централен регистар објавени на 20-ти мај 2019, се повлекува и од основачката структура на Рурална коалиција.

Воедно со почетокот на работа во МЗШВ (јуни 2017), Димковски не е вклучен во носењето на одлуките на Рурална коалиција.

Во прилог Ви доставуваме документи од Централен регистар“

- Прилог: Документи од Централен регистар доставени од МЗШВ

Редакциски коментар:

Во интерес на реално и објективно информирање на јавноста реакцијата на министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е објавена во целост иако сметаме дека ситуацијата и улогата на Министерот за земјоделство во невладината организација не е кристално чиста од причина што согласно статутот на здружението, членови на управен одбор се неговите основачи и како што може да се заклучи, лицата кои се основачи според документите од централен регистар со членовите на управниот одбор јавно објавени на нивната веб страна не кореспондираат, односно не се поклопуваат но и поради тоа што во документите од централен регистар стојат тројца основачи а според статутот на здружението управниот одбор се состои од пет члена. Во прилог од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е доставен и документ од централниот регистар за кој неможеме да бидеме сигурни дали истиот е целосен.


Администратор
26/06/2019 16:30