Пратениците од опозицијата попладнево во рамки на 103. седница на Собранието на која треба да се гласа по предлозите за разрешување членови на Владата и за избор на нови министри, истакнаа дека очекувале од премиерот Зоран Заев да слушнат зошто се сменети министрите.

– Во годината на економијата прогласена од оваа Влада ние го менуваме министерот за финансии Драган Тевдовски. Очекувавме да слушнеме како блеска економијата, а не и зошто е сменет Тевдовски, зошто во ситуација кога оваа Влада кажува дека кога културата ни е на највисоко ниво го менуваме министерот за култура. Во моменти кога нема загадување, вие го менувате министерот за животна средина и просторно планирање, во моменти кога земјоделството ја доживува својата ренесасна, го менувате најспособниот министер, а земјоделците се жалат дека земјоделството е на колена, истакна координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Заев во контрареплика рече дека Законот дозволува со одлука на Влада пренесување на надлежностите на премиерот за целосно раководење со одреден ресор, Уставот тоа го дозволува и не треба да има страв зошто премиерот ќе води министерски ресор. Според Заев, тоа се случува во многу земји.

– После овие две години земјата е подобрена во многу аспекти, 13,4 проценти е зголемен бруто домашниот производ благодарение на делот на 13,4 проценти на растот на земјоделието. Следиме комплетно и во сите други ресори што се случува, дали е земјоделието, културата, екологијата. Прв јавно признаваме каде што има слабости, но и за предностите зборуваме. Сите економски параметри покжуваат дека ова е успешна Влада, потенцира Заев.

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека само во една земја во светот, Белизе премиерот е и министер за финансии, кој е наспомнуван за криминал и корупција.

– Единствено заменик-министерот кој е избран од Собранието е овласен не само да има право, туку има и обврска да го заменува министерот за финансии во овој случај. Секој потпис на премиерот врз документ, одлука или акт од Министерството за финансии ќе биде незаконит потпис, незаконита одлука и ќе биде криминал. Доколку премиерот сака да ја концентрира власта и да биде блиску до парите, тогаш треба да го разреши и заменик-министерот за финансии Ширет Елези. Таа е единствената овластена со сите обврски и права да ги извршува фнцкиите кои претходно ги извршувал министерот за финансии, посочи Милошоски.

Заев во контрареплика рече дека премирот може да влијае на политиките на сите министри.

– Не се кандидирам за министер за финансии кој предлог денеска го повлеков или сакам од Влада да бидам овластен за да потпишам, туку заради креирањето на политиките кои ќе добијат бенефит во делот на зголемување на плати, пензии. Перформансите на Владата и на буџетот се одлични. После овие две години со овие економски перфоманси со раст на повеќе од осум отсто на придонесите и за здравствено и за пензиско, 26 отсто е порастот на персоналниот данок на доход. Комплетно ќе се носат храбри и убави политики, додаде Заев.

Пратеникот Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ова е авторитаризмот на Заев и од програмата на СДСМ ништо не е реализирано.

– Последните два изборни циклуси, ако не повеќе, ве победивме и допрва ќе ве победиме и ќе ве победуваме во целиот овој период што доаѓа, затоа што не само што ве победивме, националрадикализмот ви го победивме, национализмот ви го победивме, популизмот ви го победивме и тоа е одржливоста во оваа мултиетничка земја. Сите граѓани си ја сакаат својата земја, сите, ама 30 отсто досега не ја чувствуваа за своја. Сега ја чувствуваат за своја. Продолжете вие со ваквите ваши политики, ќе ве победувме и тоа со прилична леснотија. Кога ќе се оградите од криминалот, ќе се оградите од овие политики што се типични за 20 век, а не за 21 век, тогаш здраво е да се менуваат властите, ама дотогаш треба многу работи да промените. Ќе ве победиме и заради успешните политики – стратешките две, единствени две најголеми прашања во државата ги решивме, презедовме ризик, покажавме храброст, донесовме одлука, ја гарантиравме нацијата и македонска и јазик и се и успеавме во тој дел, а транспарентноста што денеска ја има на повидок беше мисловна именка во вашето време, рече премиерот Заев во контрареплика.

За реплика се пријавени голем број пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Седницата по редовната пауза ќе продолжи во 16:15 часот.


Администратор
26/06/2019 15:56