Договорот за „Смарт Езеро Младост“ вреден над еден милион евра Општина Велес веќе го потпиша и најави дeка ќе биде завршен до крајот на годината. Со него велешкото езерото „Младост“ ќе прерасне во најзначајна транзитна туристичка дестинација во државата.

Најголем дел од средствата кои се вкупно околу 62 милиони денари, од кои 55 милиони денари се од ЕУ, преку ИПА програмата раководена од Светска банка ЛРЦП, а помал дел односно пет милиони денари ќе бидат кофинансирани од Општина Велес, за што Советот на Општина Велес веќе даде зелено светло на својата последна седница.

Како што појасни за медиумите градоначалникот Аце Коцевски ова е еден од најзначајните проекти на Општина Велес, со кој општината треба да прерасне во најзначајна транзитна туристичка дестинација и воедно да добие повеќекратен економски бенифит.

Со проектот треба да биде уредена и осветлена пешачката патека, со модерен изглед, на потегот од влезот на езерото до хотел „Романтик“ во должина од 750 метри, пристапна за лица со ограничена мобилност, како и пристапен пат до винарија „Сопот“ во должина од 600 метри.

Еко-камп на површина од 1.500 метри квадратни со пристап од 350 метри. Во еко кампот ќе бидат поставени седум типизирани куќички од дрво со соларни панели. Куќичките се проектирани во форма на барик како симбол на почетокот на македонскиот вински пат по кој е препознатлив регионот. Во еко кампот ќе има атрактивен парк за авантури за деца изработен во дрво и други природни материјали.

– Ќе добиеме Смарт или паметен паркинг со користење на дигитален систем за управување со 23 паркинг места. Паметно осветлување со максимална заштеда на енергија, со 43 сијалични места долж патеката и на паркингот. Пејсажно и хортикултурно ќе го уредиме крајбрежниот појас на езерото под пешачката патека со што ќе добие нов атрактивен изглед. Воедно имаме и убава вест за велосипедистите кои со проектот ќе добијат велосипедски патеки околу езерото и до винариите „Тристо“ и „Сопот“, во должина од 17,5 километри, најави Коцевски

Од опрема ќе се добијат 20 паметни велосипеди уред, дигитален систем за управување и простор за чување. Пет паметни клупи на соларна енергија со можност за полнење на мобилни телефони и компјутери и со дисплеј за промоција. Исто така и полнач за електрични возила класа В+ и 30 канти за селекција на отпад.

Во рамки на проектот ќе се добјат и пет паметни контејнери за отпад (со паметен уред за следење на полнење и дигитален систем за управување). Љубителите на птици и орнитолозите ќе добијат платформа од дрво за набљудување на птици со хранилиште и панорамски телескоп за набљудување на птици. Ќе има и киоск за продажба на локални производи од регионот и промотивни материјали за езерото и за целиот регион на македонски и англиски јазик.

Во проектот се опфатени шест клупи изработени од паднати дрвја покрај езерото, како и интегрирано софтверско решение со платформа за управување со СМАРТ елементите.

Тој најави дека ќе постават промотивен билборд покрај автопатот Е75 (во непосредна близина на винарија Сопот) за промоција на Смарт езерото и Вардарскиот регион на англиски и македонски јазик.

Коцевски информира дека во рамки на проектот, Велес ќе добие туристичко биро на градот, а кое ќе биде сместено во поранешната зграда на општествено политичките организации, во строгиот центар на градот.


Администратор
24/06/2019 19:02