Властите во Париз поставија „студени соби“ во општинските згради, отворија базени за ноќно капење и поставија дополнителни чешми за пиење вода низ градот, како мерки за справување со „евентуално опасниот“ топлотен бран, кој може да достигне рекордни температури до крајот на месецов.

Градоначалничката на Париз, Ан Идалго изјави дека осум базени ќе бидат отворени по 22 часот за време на жешкиот бран, капење ќе биде дозволено во каналот Ла Вилет и три времени базени ќе се отворат во густо населените квартови на главниот град на Франција.

Вода за пиење ќе им се дели на бездомниците, а училиштата во Париз и околината ќе ги советуваат учениците да носат вода со себе и да ставаат крема за сончање.

– Подготвени сме. Овој топлотен бран ќе биде интензивен, истакна Идалго.

Горештините, кои се очекува да ги зафатат и Шпанија, Германија, Швајцарија и Белгија, во Франција потсетуваат на оние во август 2003 година, кога од високи температури починаа околу 15.000 луѓе, главно повозрасни лица.

„Метео Франс“ соопшти дека во источните и јужните делови на Франција температурите ќе бидат највисоки в четврток. Релативно високото ниво на влажност значи дека субјективното чувство ќе биде како да е 47 степени, додаваат метеоролозите.

Рекордната температура за јуни изнесува 41,5 степени Целзиусови, кои се измерени во близина на Нарбон, во јужниот дел на Франција во 2003 година.


Администратор
24/06/2019 16:56