Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска оствари средба со претставници од Проектот за парламентарна пракса, Исток – Запад кои работат на зајакнување на парламентарната демократија, промовирање транспарентност и одговорноста во управувањето и давањето поддршка на граѓанското учество во процесот на донесување одлуки.

Како што соопштија од Собранието, спикерот Џафери на средбата со директорката на Проектот, Џил Адлер, проектниот менаџер Елена Саботина и министер без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија во Владата на Република Северна Македонија Зоран Шапуриќ, разговарале за досегашните проекти што се реализирани, но и за актуелните парламентарни случувања.

Адлер го искажала своето позитивно мислење за одличниот напредок кој го има остварено Република Северна Македонија во изминатиот период и упатила честитки за брзата динамика на ратификување на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО во националните парламенти.

Џафери ја потенцирал успешната соработка со меѓународни организации и донатори кои го подржуваат зајакнувањето на капацитетот, унапредувањето и осовременувањето на функционирањето и работата на Собранието. Тој нагласил дека Собранието е отворено за соработка во области кои се значајни за целокупниот општествен развој.

Мисијата на Проектот за парламентарна пракса, Исток-Запад е зајакнување на парламентарната демократија, промовирање транспарентност и одговорноста во управувањето и давањето поддршка на граѓанското учество во процесот на донесување одлуки.


Администратор
24/06/2019 15:37