Северна Македонија секогаш ќе ја има поддршката на нејзниот пат кон членство во Европската унија и гласовите на четирите земји членки на Вишеградската група – Полска, Чешка, Словачка и Унгарија. Напредокот што го направи земјата го нотираше и Европската комисија која препорача почеток на преговори за членство. Ние сметаме дека тоа треба да биде награда за напредокот во реформите и се она што Северна Македонија го постигна.

Ова е ставот на земјите членки на Вишеградската група – изнесен на денешното примопредавање на претседателствувањето со оваа група од Словачка на Чешка, која ќе биде претседател од 1 јули.

Чешкиот амбасадор во земјава Мирослав Томан истакна дека земјава може да биде сигурна дека сите земји под Вишеградската група ќе гласаат за, кога ќе треба да се одлучува за датумот, како што ја даде поддршката и на минатиот состанок на Советот на ЕУ иако, како што рече, тогаш датумот не бил на агендата поради техночки проблеми, а не поради чекорите кои се бараат од ЕУ.

-Нашите политичари многу често доаѓаат во земјата со цел да ја покажат својата поддршка која Северна Македонија ја има во процесот обезбедување на почеток на преговорите за членство во ЕУ, рече Томан.

Неговиот колега амбасадорот на Унгарија Лазло Ишван Дукс се согласува со ставот дека земјата треба да добие датум за почеток на преговори, и повтори дека секогаш ќе ја има поддршката на тој пат.

-Секогаш може да сметате на гласовите на земјите од Вишеградската група, и не само во случајот на Северна Македонија, туку и во однос на целиот процесот на проширување на Унијата. Исто така, се обидуваме да ги убедиме и другите земји членки дека ова е добра идеја, рече Ишван.

Амбасадорите на земјите членки на Вишеградската група сметаат и дека почетокот на преговорите е неопходен заради тоа што, како што велат, реформите што се наоѓаат во оваа фаза можат да се спроведат само низ процесот на пристапување во ЕУ. Во спротивно, посочуваат, тоа ќе биде многу тешко да се направи.

-Веруваме дека во оваа фаза реформните може да напредуваат многу поефикасно во рамки на процесот на претпристапни преговори, без кои реформите во оваа фаза ќе биде релативно тешко да се спроведат, рече словачкиот амбасадор Хенрик Маркуш.

Според него, владеењето на правото е едно од најважните реформи кои треба да се постигнат и, како што рече, колку повеќе се направи во тој дел толку полесен ќе биде целиот процес на приклучување кон ЕУ.

-Моја препорака е да се фокусира примарно на владеење на правото и тогаш се друг ќе се движи полесно и побрзо во зависност од административниот капацитет на земјата. Ние сме подготвени да помогнеме и како тоа најдобро да го направиме, рече Маркуш додавајќи дека освен политичката, земјава ќе ја има и целосната техничка поддршка во процесот на претпристапните приговори со можност да ги искористи нивните искуства.

На денешното примопредавање на претседателствувањето, беа промовирани основните приоритети на делувањето на Вишеградската група под чешкото претседателство – разумни решенија, усогласување на пристапот , револуционерни технологии, регионална соработка, миграциската политика…


Администратор
24/06/2019 13:20