Датумот за почеток на преговорите е неизвесен и за на есен. Но премиерот не се откажува, па утре заминува на средба со германската канцеларка во обид да издејствува поинакво решение.

Но неговиот оптимизам секојдневно се покрива со ново демантирање. Овој пат е од австрискиот угледен весник „Стандард“. Според него недобивањето датум за земјава значи крај на ЕУ-проширувањето, односно на европскиот модел на Балканот.

Зошто за ова владата не беше свесна? Или пак беше, но немаше поинаква солуција освен да ги убедува македонските граѓани во спротивното. Како за само една година, Премиерот Заев од човек кој тврдеше дека во јуни имаме датум, стана човек кој испраќа закани до Брисел дека виси неговиот мандат и ќе се вратат националистички струи на евентуалните предвремени избори?

-Македонија доби датум за почеток на преговорите, јуни 2019, ред е тоа да биде потврдени и од независната страна, Европската Комисија. Излезе и претседателот на Европскиот Совет заедно со мене на прес конференција, со брендирана позадина да го потврди тоа, комесарот Хан кој што е задолжен за преговорите, го потврди тоа неколкукратно и ќе дојде и во Македонија да го потврди тоа. Мислам дека е дегутантно да се негира до ден денеска фактот, дека Македонија доби датум за преговори, рече Заев, 2 јули 2018 година.

По оваа изјава следеа НАТО и ЕУ фест-прослави, на кои, судејќи според бројот на присутни граѓани беше очигледно дека луѓето и тогаш не веруваа оти датумот е можен.

Но настрана ваквиот одзив, сигурниот датум според премиерот беше главен адут на власта и во предреферендумската и во претседателската кампања. Наскоро почнаа да стигнуваат сигналите дека датумот е невозможна мисија без реформи. Холандија, Франција, Германија...

-Ако треба и 10 пати ќе одам на средби со Макрон, Руте и канцеларката Меркел, тоа го правеа моите колеги Ципрас и Борисов. Евроинтеграциите се нашата втора цел, првата – приемот во НАТО – веќе е остварена. 14 години се предолго време да се чека пред вратите на ЕУ , рече премиерот на 7 мај 2019.

Кога пораките од клучните земји веќе немаше како да се демантираат од владата, Заев упати закани до ЕУ: или датумот ќе го добиеме, или ќе му падне владата, па ќе има предвремени избори и ќе се врателе националистичките струи и стагнацијата. А требаше да се случи реконструкција.

-Ако ја изгубам поддршката на парламентот, тогаш зошто да правам реконструкција на владата? Затоа чекам, јас сум подготвен, нашите граѓани знаат горе долу кој ќе биде сменет во владата, но не е нормално да правиме реконструкција ако падне владата, може ќе треба да одиме на предвремени избори, или да добиеме нов мандат од претседателот, не се знае, но прво Бундестагот треба да испрати порака, порача премиерот од Брисел, на 5 јуни 2019.

Последната порака од владата е дека реконструкцијата ќе го чека Заев да се врати од Берлин.


Администратор
12/06/2019 04:01