Собранието денеска во рамки на 102. седница ја констатираше оставката од функцијата пратеник на поранешниот премиер Никола Груевски.

– Констатирам дека согласно член 152, став 1 алинеија 1 од Изборниот зaконик на Никола Груевски му претстанува мандатот пратеник во Собранието, рече претседателот на Собранието Талат Џафери.

На денешната седница беше констатирана и оставката на пратеникот Павле Богоевски, која тој ја најави на седницата на Комисијата за деловничко-мандатно и имунитетни прашања пред отворањето на точката за одземање на мандатот на Груевски.

За Богоевски, кој е претседател на оваа собраниска Комисија, беше објавен компромитирачки телефонски разговор, за што беше обвинет од страна на опозицијата дека го крши етичкиот кодекс и оти е недостоен за вршење на пратеничката функција.

Богоевски пред пратениците рече дека оставката ја поднесува од морални причини и оти со повлекувањето од функцијата пратеник сака да упати порака дека вредностите на Шарената револуција се уште се во сила. Ги повика органите на прогонот да го испитаа случајот за кој е обвинет, но притоа, како што рече, да не го заборават и случајот со нелегалното снимање и објавување.

– Вредностите се над функцијата сега и секогаш. Одговорност се поднесува лично, храбро и со крената глава пред тие што те избрале, а не кукавички и во бегство криејќи зад диктатори со слични уверувања, рече Богоевски.


Администратор
11/06/2019 17:44