Доцна вечерва кривичниот суд го прифати барањето доставено од страна на надлежен јавен обвинител за определување мерка притвор против државниот секретар во Министерството за информатичко општество за примање на поткуп при избор на компанија за спроведување на проект финансиран од ИПА фондовите.

Јахија и во 2005 година бил гонет и за кривично дело „злоупотреба на избирачкото право“ по член 161 и во истиот предмет осуден со парична казна за повреда на избирачкото право од член 159 од Кривичниот законик. Второосомниченото лице во моментот не се наоѓа на територијата на нашата држава.

Инаку денеска државниот секретар во Министерството за информатичко општество и администрација Јахи Јахија беше уапсен а покрај него и поранешен раководител на одделение во истото Министерство со иницијали Ј.Г. (52) се сомничи за примање поткуп при избор на компанија за спроведување на проект финансиран од ИПА фондовите.

Тие како службени лица, во периодот од јуни 2014 до август 2015 година од италијанско правно лице преку посредници – италијански државјанин, советник во правното лице, и англиски државјанин – деловен партнер на англиско правно лице со подружница во Скопје, примилe подарок – патување во странство во три наврати, со вкупна вредност од 7.000 евра за да му овозможат на правното лице кое аплицирало на тендерот да има пристап до доверливите тендерски информации. Со тоа, тие му овозможиле повластена положба и предност во однос на останатите апликанти и како резултат на тоа, правното лице било избрано да го спроведува ИПА проектот за што бил склучен договор во вредност од 1.096.900 евра.

Во текот на 2016 година, во периодот кога во Министерство за информатичко општество и администрација веќе отпочнало спроведувањето на ИПА проектот, како награда, првоосомничениот во два наврати примил во готовина парични средства во вкупен износ од 37.930 евра, односно 2.332.695,00 денари, а второосомниченото лице примило подарок во вкупен износ од 2.500 евра, односно 153.750,00 денари.


Администратор
11/06/2019 01:28