Индивудуални земјоделци, компании, стручната јавност од државата и соседството имаа можност да ги видат современите практики во производство на житни култури со користење сертифициран семенски материјал кои ги применуваат компаниите „Агростарт“ и „Клечовце“ во кумановското село Новосељане на денешната традиционална манифестација „Ден на полето 2019“.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кој присуствуваше на оваа манифестација истакна дека овој сектор е особено значаен и дека како Министерство работат на креирање услови за производство на квалитетна домашна пченица.

-Во следните две недели ќе биде распишан оглас за околу 10.000 хектари слободна земјоделска површина на територија на државата. Употребата на нови современи агротехнички мерки во производството и употреба на сертифициран семенски материјал се клучни за поголемо производство на пченица со висок квалитет, рече министерот.

На овој начин се остварува повисок принос, но и повисока откупна цена пченицата и јачменот. За да се поттикне употребата на сертифицираниот семенски материјал во производство на житни култури, рече министерот во програмата за директни плаќања за производство на домашен сертифициран материјал се издвојуваат 20.000 денари по хектар за прва генерација и 15.000 за втора генерација, а за земјоделците кои користат ваков материјал и имаат површини од пет до 50 хектари добиваат субвенција од 14.400 денари.

Употребата на овој материјал, според министерот, носи одржливост која е неопходна во услови кога климатските промени се предизвик и носат штети врз производството. Николовски најави дека во наредниот период Министерството ќе промовира сет мерки кои со средства од државата ќе им помогнат на земјоделците да се адаптираат.

Приносите од пченицата, додаде варираат во различни години, а минатата имало тешка жетва, по што во координација со земјоделците и мелничарите биле донесени сет мерки за стабилизирање на пазарот.

-Воведовме субвенција од еден денар за килограм откупена домашна пченица за мелничарите, со цел да се поттикне производството, откупот на домашна пченица и договорното производство. Пркеу оваа мерка, минатата година биле откупени 59.000 тони пченица и исплатени околу милиони евра дополнителни средства, рече министерот.

Тој посочи дека пред почетокот на пролетната сеидба биле исплатени околу шест милиони евра за основните субвенции по површина за полјоделските култури и ова според министерот бил еден од сериозните предизвици, со кои се соочувале минатата година заедно со решавање на заостанати долгови, наследени проблеми и почитување на календарот за исплата на субвенции.

-Во тек е јавниот оглас за набавка на гориво за земјоделска механизација, што е и последен чекор од воведувањето на процедурата за оваа нова мерка за зелена нафта која што беше ветена пред граѓаните, после долга и тешка процедура во претходните месеци или година и половина од воведување од законот, денеска се наоѓаме пред завршување на тендерот за набавка на оваа нафта, односно оваа мерка, рече министерот.

Според него, мерката ќе ги намали производствените трошоци.

-Кофинансирањето ќе биде 30 проценти со законска можност која веќе е внесена од следната година овој процент да се зголеми и до 50 проценти. Во оваа 2019-та година за реализација на оваа мерка се обезбедени дополнителни 3,5 милиони евра кои што не се во буџетот за субвенции, туку се дополнителни средства обезбедени од Министерството за финансии, рече министерот за земјоделство.

Тој повтори дека мерките за зголемување на производството на житни култури ќе имаат поголем ефект, доколку се употреби сертифициран семенски материјал, за што е потребна и науката, нагласувајќи дека Министерството останува фокусирано на окрупнување на површините, зголемување на производствоо на домашна пченица.

Овие компании кои ја организираат манифестацијата, произведуваат сертифициран семенски материјал, користат современа механизација, нови технологии и оттаму додаваат дека унапредувањето на овие мерки, користењето современи технологии, почитување на роковите може да го зголеми приносот и доколку останатите во овој сектор ги применуваат ќе се зголеми приносот и производството на житни култури на ниво на државата.


Администратор
22/05/2019 17:05