Претседателот на Владата на Република Северна Македонија вечерва се обрати на свечената академија по повод 70 годишнината од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, која се одржа во Национална Филхармонија, и со која отпочнаа активностите од програмата по повод јубилејот на универзитетот и по повод 24 мај – Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј, и Ден на просветните работници.

Обраќањето на премиерот Заев на оваа свеченост, на која присуствуваа членовите на ректорската управа на УКИМ, членови на Сенатот на Универзитетот, поранешни ректори, членови на Академијата на науките и уметностите на Северна Македонија, професори, студенти и други гости членови на академската заедница на нашата земја од странство, ви го пренесуваме во целост:

Голема е честа да се биде вечерва тука и да се биде дел од оваа свеченост со која се одбележуваат 70 години од основањето на Универзитетот Свети Кирил и Методиј. Прослава на еден голем јубилеј во чест на науката и образованието како основни светилници на патот кон подобра иднина за секоја заедница.

Затоа денот на основањето на Универзитетот Свети Кирил и Методиј е и ден на високото образование во нашата земја. Седум децении оваа наша значајна институција го сее семето на знаењето, а нашата заедница ги жнее плодовите на академската и научната дејност на сите факултети и институти на првооснованиот Универзитет во нашата држава.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е првиот државен универзитет во Република Северна Македонија, формиран во 1949 година со три факултети. Денес, тој претставува заедница на 23 факултети, 5 научни институти, 4 јавни научни установи – придружни членки, 1 придружна членка – друга високообразовна установа и 7 придружни членки – други организации.

На Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје постојат студиски програми во сите научни области - природно-математичките, техничко-технолошките, медицинските науки и здравствoто, биотехничките, општествените, хуманистичките науки и во уметностите. Истражувачката работа, освен на факултетите, се одвива и на научните институти во состав на Универзитетот.

Сликата на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, јасно е претставена и низ следните бројки: Во наставно-образовниот процес на сите факултети се вклучени повеќе од 60.000 студенти од Република Северна Македонија во прв и втор циклус на студии, како и повеќе од 700 странски студенти. Третиот циклус - докторски студии се реализира во рамките на Школата за докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со повеќе од 1000 студенти. Во реализацијата на наставно-образовниот и научниот процес на факултетите и институтите учествуваат над 3.100 наставно-научни и соработнички, како и административни кадри.

Во досегашниот развој на Универзитетот се создадени околу 150.000 високостручни кадри, над 10.000 магистри и специјалисти и околу 4.000 доктори на науки во сите наставно-научни области.

На овој Универзитет се напојувале со знаење и со академски и научни вештини нашите членови на академската и научната јавност, членови на Академијата на науките и уметностите, професорите и наставниците во образованиот систем, научниците што сега се членови на врвни научно-истражувачки институти во светот, нашите досегашни претседатели на државата, премиери, министри во владите.

Денес, во аулите и лабораториите на Универзитетот се образуваат и усовршуваат нашите идни истакнати членови на општествената заедница. Тие ќе ги испишат страниците на иднината на нашата земја, како што нивните претходници ги испишаа страниците на значајното минато и на Универзитетот и на нашата земја.

Историјата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е и историја на нашата земја. Во изминатите 70 години првиот државен универзитет во нашата земја ја исполнуваше својата мисија и со тоа ја исполнуваше визијата на нашата држава: Да создаде институции како составни атрибути на стекнатиот вековен сон – државноста.

Оттаму мисијата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” да биде автономен, научен, високо­образовен универзитет, кој ќе обезбедува наставна, научна и апликативна дејност во природно-математичките, техничко-технолошките, медицинските науки и здравството, биотехничките, општествените и хуманистичките науки и во уметностите, е државотворна мисија.

Државотворна е и мисијата на Универзитет „Св. Кирил и Методиј” да биде посветен на негувањето и на интернационалната афирмација на традиционалните обележја и вредности на македонскиот народ, македонскиот јазик, историјата, литературата и културата и, како и да ги негува и афирмира и културните вредности на сите други етнички заедници во Република Северна Македонија.

Во духот на најдобрите традиции на универзитетите како автономни врутоци на знаењето, науката и образованието, нашиот прв државен универзитет ги отвори академските перспективи за сите студенти врз основа на еднаквост и резултати, без разлика на нивното идеолошко, политичко, етничко, културно и социјално потекло.

Роден на темелите на кои се создаваше и државата, Универзитет „Св. Кирил и Методиј” ја усогласи својата академска понуда со потребите на своето социјално опкружување и на динамиката на процесите што го определуваа нашето општество и пулсираше заедно во истиот ритам со кој нашата заедница поминуваше низ сите процеси, фази и премрежја на современиот развој.

Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, имајќи го предвид своети место во европскиот академски простор, ја препозна својата мисија и во обврската да постигне европските норми и стандарди во сите области на своето дејствување.

На остварувањето на оваа димензија од својата мисија, Универзитетот е обврзан и од наследството на своите покровители – Светите браќа Кирил и Методиј.

Колку е извонредно важна и суштинска историската мисија на светите браќа говори фактот што денес тие се патрони на Европа, признание дадено од Ватикан, со цел да се потенцира нивното значење за единството на европските народи, чие културолошко мото е – единствени во различноста.

Таквиот космополитизам е есенцијата на заложбите на Светите Кирил и Методиј, чие битие за навек се вкорени во културната историја на Европа, е големината на легатот што го наследи и Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје во Република Северна Македонија.

Оттаму доаѓа и интернационализацијата, како еден од главните приоритети на Универзитетот. Главната цел е да се зголемат и бројот на партнери ширум светот и бројот на договори. Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ има блузи 300 договори за програмата Еразмус Плус. Минатата година Универзитетот стана дел и од програмата Еразмус+ К107, во која, покрај земјите членки на Европската Унија, се вклучени и Албанија, Бразил, Јапонија, Косово, Србија, САД, Кина, и други земји. Народна Република Кина ја дава својата поддршка на овој кампус преку своите програми „Чајна Ејд“и преку „Институтот Конфучие“, кој тесно соработува со скопскиот универзитет со своја канцеларија во Народната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“.

Во таа насока, во насока на поддршка на интернационализацијата, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, во Владата на Република Северна Македонија има силен партнер на кој може да смета во исполнувањето на оваа своја мисија.

Наша должност е да бидеме сигурни дека она што го оставаме зад нас е силна поддршка на континуитетот на големите идеи на кои беше заснована и мисијата на светите браќа, на идејата на која беше засновано основањето на првиот државен универзитет во нашата земја. Дека таа поддршка е нашиот најдобар придонес.

Ако сме посветени на тоа, ако веруваме во пораката дека студентите денеска се лидерите на иднината, тогаш нашата обврска е уште поголема и по благородна зашто знаеме дека таа мисла водилка ги водеше и нашите претходници од сите минати генерации.

Во ерата на општества засновани на знаење, универзитетите имаа уште една посебна општествена мисија: Да преземат водечка улога во вмрежувањето за да обезбедат еднаков и отворен пристапот до знаењето

Во тоа име, во име на идните потфати на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, ви го честитам големиот јубилеј и ви посакувам академска иднина исполнета со успеси и високи достигнувања.


Администратор
22/05/2019 02:20