Како дел од одбележувањето на 20 Мај – Ден на пожарникарите, денеска во Делчево беше презентирана новата опрема што Територијалната противпожарна единица од Делчево ја доби како подарок од Територијалната противпожарна бригадата на Град Скопје. Ваквата опрема, како што информираше командирот на ТППЕ Делчево, Ванчо Постоловски, ќе ја олесни работата на делчевските пожарникари.

– Се работи за заштита на противпожарна и опрема за дежурство што се состои од заштитни шлемови, огноотпорни чизми и други нагледни средства и истата ќе биде наменета пред се за заштита на пожарникарите при извршување на нивната работа. Огромна благодарност до градоначалникот и командантот на бригадата на Град Скопје на чија иницијатива беше отворен магацинот и ни ја доделија опремата, истакна Постоловски.

На свечениот коктел организиран по повод денешниот ден, градоначалникот Горан Трајковски упати голема благодарност до пожарникарите за нивната пожртвуваност во справувањето со пожари на отворен и затворен простор.

– Се гордеам со нашата противпожарна единица затоа што е една од најдобрите во целиот источен регион и пошироко, најмногу по нивната експедитивност, пожртвуваност и решителност за да делуваат во различни ситуации. Верувам дека со оваа опрема, нашата Територијална противпожарна единица ќе биде подобро опремена со лична професионална опрема за да можат поефикасно да ја извршат својата работа, рече Трајковски.

Од страна на Општина Делчево и годинава како поттик за понатамошно успешно извршување на работните задачи беше доделено решение за парична награда за најдобриот пожарникар, награда која годинава ја доби командирот Ванчо Постоловски.


Администратор
20/05/2019 20:16