Валериј Џидров е прогласен за најдобар пожарникар од Територијалната противпожарна единица од Кочани во текот на изминатиот едногодишен период, а одлични резултати во работата покажале и неговите колеги Кирчо Ефтимов и Гоце Сандански.

На свеченоста, што се одржа по повод 20 мај – Денот на пожарникарите, градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев на најдобрите им додели награди и признанија, при што упати благодарност до сите припадници на противпожарната единица за нивиот ангажман во интервенциите.

– Меѓу двете празнувања бележиме пораст за околу 15 отсто на бројот на интервенции, односно минатата година ја завршивме со над 340 излегувања на терен, што беше рекорд за нашите пожарникари. Сепак, таквиот негативен тренд продолжува и само за првите четири месеци од оваа година веќе бележиме една третина од тој број, што пред сè се должи на гаснењето пожари на отворено, односно на запалени стрништа и остатоци од слама во нивите. Еден од главните проблеми со кој се соочуваме при интервенциите е што единицата располага со 17 пожарникари, односно половина од потребниот број, а тие ја покриваат територјата на општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево, истакна Благој Паунов, командир на ТППЕ – Кочани.

Градоначалникот Илијев најави дека по набавката на нова заштита облека, обувки и работни униформи, што се реализираше пред неколку месеци, за годинава се планира да се набават неколку нови пумпи за вода за интервенција при пожари, како и дополнителна облека и чевли за пожарникарите.

Од кочанската локална самоуправа е поднесено барање до Владата, односно до надлежните министерства за добивање согласност и одобрување за неколку нови вработувања, со што Територијалната противпожарна единица ќе се докомплетира и ќе може уште поуспешно да ги остварува поставените задачи.


Администратор
20/05/2019 20:12