Регионалниот бизнис форум за жени претприемачи ќе се одржи на 16 и 17 мај 2019 година во хотелот Дабл три Хилтон во Скопје. Настанот е организиран од Програмата на ЕБОР за жени претприемачи од Западен Балкан, со цел да се разменат искуства помеѓу претставници од финансиските институции и жените претприемачи од регионот.

Програмата започна во октомври 2014 година, и има за цел да го промовира женското претприемништво, да го подобри пристапот до финансирање и консултантски услуги, како и да даде поддршка на микро, малите и средни претпријатија (ММСП) од Западен Балкан кои се управувани од жени. Програмата е финансирана од ЕБОР, Луксембург, Шведска и Италија со интегриран пристап кој ги таргетира жените од микро, малите и средни претпријатија во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Досега, Програмата обезбеди 40 милиони евра преку кредити достапни во седум партнерски банки во регионот и пристап до знаење за да им се помогне на компаниите управувани од жени да станат поконкурентни. Обуки, менторство, коучинг и можности за вмрежување се исто така дел од Програмата со цел да им се овозможи на жените претприемачи да изградат мрежи за соработка, да ги зајакнат своите вештини и да споделат искуства со нивните колешки. Досега, вкупно 5.000 жени биле поддржани од оваа Програма.

На настанот ќе говори Министерот за економија Крешник Бектеши, а на истиот ќе учествуваат финансиски институции од Западен Балкан и клиенти на регионалната Програма на ЕБОР за жени претприемачи. Излагања од водечки бизнис лидери, панел дискусии, работилници и дискусии модерирарни во соработка со учесниците ќе бидат на агендата на овој форум. Ќе се споделат резултатите и заклучоците од Програмата, како и најдобрите меѓународни пракси за финансирање на микро, малите и средни претпријатија управувани од жени. Најдобрите службеници за кредитирање и најуспешните жени претприемачи помогнати од Програма на ЕБОР за жени претприемачи од Западен Балкан ќе бидат наградени на првиот ден од настанот.

Во моментов Програмата за жени претприемачи е активна во 18 земји каде ЕБОР има свои резидентни канцеларии. Повеќе детали може да се најдат на http://www.ebrdwomeninbusiness.com/


Администратор
15/05/2019 19:54