Осум нови апарати доби Физикалната терапија „Кежовица“ при Клиничка болница-Штип. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев на денешната прес-конференција истакна дека станува збор за современа апаратура, со цел подобри и поквалитетни услуги да добијат пациентите, кои ја посетуваат единствената Физикална терапија во источниот регион.

Инвестицијата од 30.000 евра во новите современи апарати е од буџетот на штипската Клиничка болница.

– Сите апарати се набави со наши сопствени средства, а тука не застануваме веќе утре ќе добиеме и еден апарат за што дополнително ќе ве информираме, исто така ултра модерен и со кој не може да се пофали ниту една јавна здравствена установа во државата. Ние ќе бидеме единствени што ќе го имаме, вели Ѓеорѓијев.

Прашан до каде е постапката за враќање на зградата на Физикална терапија во сопственост на Клиничка болница, Ѓеорѓијев вели дека постапката е во тек, а одлуката треба да се донесе на Владина седница.

– Во комуникација сме и очекуваме и тоа наскоро да се случи. Јас верувам дека тоа ќе се случи и со враќање во наше владение ќе можеме и да го реновираме објектот и да обезбедиме подобри услови, кои подолг период се една рак рана на нашето штипско здравство, вели Ѓеорѓијев.

Ленче Николова специјалист по физикална медицина вели дека по половина век штиспката Физикална терапија се подновува со нова апаратура, а станува збор за апарати што се комбинирани и се користат за секакви заболувања, скршеници, трауми и за други видови на дијагноза.

– Очекуваме побрзо одвивање на текот на работата, со оглед и на тоа дека се нови. Замислете апарати од 1967, а за новите долги ги баравме и еве конечно ги добивме. Она што директорот го најави за современиот апарат е нешто што е во светски рамки. Тој апарат воопшто го нема во јавното здравство. Според мои сознанија само две приватни болници го имаат, вели Николова.

Таа забележа дека новите апарати се комбинирани, со што пациентите сега нема да шетаат од една во друга просторија, туку целата терапија ќе ја добијат на еден од апаратите.

– Новите апарти, кои сега ги добивме се за дегеративните заболувања, трауматските состојби, невролошките, скршениците, ревматизам, спондилози, вели Николова.

Во штипската Физикална терапија дневно имаат по 200 пациенти не само од источниот и југоисточниот регион, туку од цела држава. Физикалната терапија се комплетираше и со вработување на 13 физиотерапевти, а вработените добија и нови униформи.


Администратор
15/05/2019 17:48