Мнозинството од вработените во државниот сектор (51,3 отсто) го промениле начинот на кој што се служат со мобилниот телефон по објавувањето на прислушуваните разговори, иако, генерално, поголем дел од граѓаните (56 отсто) сметаат дека „Бомбите“ не влијаеле на начинот на кој тие го користат својот апарат, покажува истражувањето на јавно мислење на тема „Безбедносно разузнавачки служби“, спроведено за емисијата „Детектор“ на ТВ Сител, во која гостуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, претседателот на собраниската Комисија за надзор и следење на комуникациите Емил Димитриев и професорот Маријан Николовски, поранешен припадник на УБК.

Според истражувањето, поголем дел од граѓаните се уште сметаат дека постои масовно прислушување и злоупотреба на личните податоци во Македонија (46,1 отсто), а таков став споделуваат мнозинството студенти (54,0 отсто), земјоделци (53,8 отсто) и вработени во државниот сектор (53,8 отсто).

Сепак, генерално, и покрај тоа што 46,5 отсто од испитаниците го оцениле како добро функционирањето на безбедносните служби во земјава (МВР и ДБК), 41,4 отсто сметаат дека државата има увид во работата и контролата на ДБК и останатите безбедносни служби со цел да се избегне нивна злоупотреба.

Министерот Спасовски потврдува дека во тек се реформи во безбедносниот сектор со кои ќе се врати довербата на граѓаните, „прва беше реформата за следење на комуникациите спроведена со формирањето на Оперативно техничката агенција (ОТА), а втора е реформата за носење на законите за Агенцијата за национална безбедност и законот за координација на безбедносно разузвнавачката заедница во земјава“, според него „многу е важно Агенцијата да се постави врз начела и принципи кои ќе овозможат формирање на модерна и ефикасна служба по примерот на европските, да се одземат полициските овластувања и да го тргнемеме превезот на тајната полиција од која се плашат граѓаните и сето тоа е процес за кој треба да се крева јавната свест“, вели тој.

Процесот на реформите ги обедини власта и опозицијата посочува претседателот на собраниската Комисија за надзор и следење на комуникациите Димитриев, кој вели дека има волја и кај опозицијата и кај власта овој сегмент да се надградува. – Ние како опозиција сме проактивни, но власта мора да овозможи соодветни законски решенија, за да изградиме еден систем за надзор со кој што во даден момент и сегашната власт ќе треба да го користи тој механизам, потенцира Димитриев.

Заедничката цел, создавање на квалитетен закон ја придоби и стручната јавност, истакнува професорот Маријан Николовски кој потврдува дека „многу работи што беа сугерирани од експертската јавност досега се прифатени, а тоа е моделот за да имаме еден поефикасен безбедносен систем“.

Две третини од граѓаните се чувствуваат безбедно во земјава (76,3 отсто), иако одреден дел велат дека нема промена во безбедноста споредбено со порано (37,4 отсто).

Учесниците во емисијата се согласни дека безбедноста е „столб на државата“ како што нагласува Николовски. Според министерот Спасовски „безбедноста не е прашање за кое треба да се конфронтираат политичките партии и добро е што конечно сме разбрале сите дека зависно од тоа како ќе го изградиме системот, ќе имаме безбедна или небезбедна држава“. Идентичен став споделува и Димитриев посочувајќи дека „безбедноста е нешто што државата треба да го испорача за секој граѓанин, и тука пристапот на политиката треба да биде крајно внимателен. Опозицијата треба да биде поддршка во градењето на законските решенија, а власта која ги има инструментите треба да ги користи исклучиво за намената која ја нормираат законите, без притоа да има влијание политиката.

Девет од десет испитаници немале непријатно искуство со припадник на полицијата (91,3 отсто) и сметаат дека таа работи професионално и во согласност со нивните потреби (44,6 отсто).

Министерот за внатрешни работи очекува „зелено светло во парлементот за реформите во безбедносните систем и датум за преговори во јуни“.

Истражувањето на тема „Безбедносно разузнавачки служби“ беше спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) во период од 23 до 23 април, на 1.109 полнолетни испитаници на ниво на целата земја, со користење на случаен примерок, стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението.


Администратор
13/05/2019 05:15