Папата Франциск стигна во двете земји со мисија да ги доближи и помири православната и католичката црква – од бугарската православна црква одбија да учествуваат во сите дводневни активности на ватиканската делегација во Софија, од македонската, препознаа признание и подадена рака од Ватикан.

Но понтифот одбра да влезе во црквата Александар Невски во Бугарија, ама не и во Соборниот храм во Скопје. Таму им се поклони на светците Кирил и Методиј, тука не ги ни спомена.

Зошто папата и посвети два дена на Бугарија, а само еден на Македонија? Зошто таму браќата просветители заслужија поклон, но овде не? Зошто таму се возеше со белиот познат папа-мобил, а овде со помало возило, на кое беа изгравирани симболите на Ватикан? Дали македонската политика ги разбра различните пристапи?

Две земји во еден пакет, но различни пораки. Бугарија доби порака да ги отвори затворените врати за бегалците.

-На сите Бугари кои ја сфаќаат драмата на емиграција, со почит им укажувам: не ги затворајте очите, срцата и рацете- во согласност со вашата најдобра традиција- на оние кои ќе тропнат на вашите врати, рече папата во Софија.

Македонија доби пофалба.

-Солидарноста со оние кои тогаш беа во нужда, зашто покрај домот, работата и татковината, загубија и многу сакани луѓе, ве прави достојни за почит и зборува за душата на овој народ, кој и самиот знае што е да се нема, ја разбира солидарноста и делењето на она што се има како пат кон вистинскиот развој, порача понтифот од Скопје.

Последната порака не ја даде на аеродромот во Скопје, туку во авионот кон Рим. Конечно, тогаш ја нарече земјава Македонија, и рече дека сме вратата на христијанството во Европа.