Американскиот државен секретар Мајкл Помпео синоќа пред да настапи изборниот молк во Украина, телефонски разговарал со двајцата противкандидати на украинските претседателски избори, Петро Порошенко и Володомир Зеленски, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Како што објави на Твитер специјалниот претставник на Стејт департментот за Украина, Курт Вокер, Помпео им се јавил на двајцата политичари за да ја изрази поддршката што САД ја даваат на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Помпео уште еднаш укажал на посветеноста на Вашингтон „да работи со кандидатот кој ќе биде избран од украинскиот народот за успех во постигање на безбедна, просперитетна, демократска и слободна Украина“.

Во Украина денеска се одржува вториот круг од претседателските избори на кои се соочуваат актуелниот претседател Петро Порошенко и актерот и комичар Володомир Зеленски.


Администратор
21/04/2019 08:31