На тројца осомничени за автобуската несреќа кај Ласкарци им е одреден притвор во траење од 30 дена, информира Кривичниот суд.

На две од седумте осомничени лица им е одреден куќен притвор, а на едно лице мерки на претпазливост.

-Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за определување мерка притвор за шест лица и мерки за претпазливост за едно лице, кои денеска беа спроведени во судот, судија на претходна постапка по произнесување на лицата како и ценење на фактите и доказите приложени во предлогот донесе решенија со кои за Д.Б., Р.М. и М.Т го прифати предлогот на обвинителството и им определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 т. 1, 2 и 3 од ЗКП, се наведува во соопштението на Кривичен суд.

За И.Ѓ. , Г.Д. и Ј.Б., како што информира Судот, одбиен е предлогот на обвинителството за определување мерка притвор. За И.Ѓ. и Г.Д е определена мерка куќен притвор, заради постоење на основите од член 165 ст.1 т. 1, 2 и 3 од Кривичниот законик. На Ј.Б. му определи мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска повремено да се јавува на службено лице во судот и забрана за вршење на работни активности. За В.Г. е прифатен предлогот на обвинителството за определување мерки за претпазливост.

Против овие решенија, странките имаат право на жалба.

Јавниот обвинител од ОЈО – Скопје Сашо Рајчев денеска на прес-конференција рече дека главна причина за несреќата се неисправните сопирачки на автобусот и преголемата брзина со која се движел.

Несреќата кај Ласкарци се случи на 13 февруари кога автобусот на „Дурмо турс“ со 51 патник излета од патот Тетово – Скопје и падна во провалија откако ја проби заштитната ограда на автопатот. Во несреќата загинаа 15 лица, а 39 беа повредени.


Администратор
15/03/2019 03:04