Косовскиот тим за преговори со Србија денеска ја заврши работата околу усогласување на платформата за дијалогот, која утре треба да се изгласа од самиот тим, а задутре, 15 февруари, ќе се достави до Собранието на Косово на усвојување, јави дописникот на МИА од Приштина.

Копретседателот на државниот тим, лидерот на Социјалдемократската партија (ПСД), Шпенд Ахмети, по завршување на денешниот состанок на членовите на тимот, попладнево им изјави на новинарите дека платформата е уште еднаш детално разгледана од членовите и по консултациите со субјектите кои ги делегирале, утре ќе биде предложена за усвојување од самата делегација. Најверојатно задутре, според Ахмети, платформата ќе биде предадена на Собранието на Косово.

– Имаме добра платформа, многу пати додававме и изземавме работи, заснована е на Уставот на Косово и ги содржи нашите очекувања од овој процес, како и нашите барања наспроти Србија во дијалогот, изјави Ахмети.

Државниот тим за преговори со Србија е составен од девет членови, именувани од косовското Собрание, а негови копретседатели се лидерот на опозициската ПСД, Ахмети и вицепремиерот и лидер на Социјалдемократската иницијатива (Нисма), Фатмир Лимај.

Во преговорите меѓу Приштина и Белград, кои се одвиваат со посредство на Европската унија, и натаму останува претседателот на Косово, Хашим Тачи, кој досега беше главен и речиси единствен преговарач наспроти неговиот српски колега Александар Вучиќ.

Платформата денеска им беше претставена на претседателот Тачи, на првиот парламентарец Кадри Весели и на премиерот Рамуш Харадинај, кои, како што изјави Ахмети, не изнеле забелешки на нејзината содржина.


Администратор
13/02/2019 18:44